| четврток, 6 декември 2018 |

Пандев е тврд орев – експертите го селат на клупа, тој си молчи и со одлични игри ги демантира

Горан Пандев е исправен пред нов предизвик, да се наметне со добрите игри и голови кај новиот тренер на Наполи, Рафаел Бенитез, а засега во подготвителниот период одлично му оди. Македонскиот репрезентативец ги тресе противничките мрежи, а беше стрелец на два од трите натпревари што ги одигра летово за вицешампионот на Италија. Синоќа не му прости ниту на Муслера, голманот на Галатасарај и мајсторски ја погоди неговата мрежа, со што го отвори резултатот и најави победа на Наполи. Мечот заврши 3-1 за Пандев и соиграчите, а Горан вели дека Наполи има тим за големи дела.

„Новите играчи што пристигнаа се голем потстрек и дополнителен квалитет за Наполи. Верувам дека имаме тим за големи дела. Одигравме добро против Галатасарај, но секако има уште доста простор за напредок. Треба да продолжиме да работиме напорно и да ги слушаме советите на тренерот. Се радувам што се вратив на Сан Паоло по два месеци пауза. Се надевам дека ќе имаме многу причини за радост во новата сезона“, рече Пандев по мечот со Галатсарај.

Струмичанецот повторно ги презентира одличните фудбалски квалитети и пак покажува дека е тврд орев и за конкурентите во тимот на Неапол и за противничките одбрани. Експертите во Италија му предвидуваат дека ќе биде на клупата и дека нема изгледи да биде стартер, а Горан по којзнае кој пат ги демантира. Така беше и кај Жосе Мурињо во Интер, па Португалецот на крајот призна дека Пандев е многу важна алка во тимот. Заедно го освоија и врвот на Европа, односно титулата во Лигата на шампионите.

Lazio vs Inter Milan

 

Потоа следеше преселба во Наполи, а предвидувањата беа исти. Пандев ќе биде резерва, а тренерот Валтер Мацари навистина почна без него. И повторно се случи истото. Гранде Пандев трпеливо си ја чекаше шансата за да демантира. И приказната одново беше успешна. Самиот Мацари призна дека грешел, а Македонецот со импресивни игри, со голови и асистенции, стана незаменлив член на стартната постава.

Бенитез почна поинаку и сега Пандев е стартер, а тој знае како да се справи со предизвикот. Со голови, со блескави потези, со напорна работа. Скромен надвор од теренот и немилосрден на игралиштата ширум Италија и Европа. Конкуренцијата за место во тимот ќе биде голема, дојдоа играчи од калибарот на Калјехон, Мертенс, Игуаин, се најавува и ангажман на Џексон Мартинез. Но, Пандев е тврд орев, го покажа тоа безброј пати и ќе најде начин повторно да биде важен „штраф“ во машинеријата на Наполи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top