Во рамките на работата на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, денес се одржа јавна расправа за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на која учествуваа новинарски здруженија и асоцијации, уредници и новинари од медиумскиот простор во земјата, а присутни беа и пратеници во Собранието на Република Македонија.
Во своето воведно обраќање министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, ги образложи досегашните чекори од изготвувањето на законското решение и фазите низ кои помина нацрт-текстот во текот на јавните консултации со субјектите од медиумската фела.
-Целта на законот е да се обезбеди развој на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, развој на независната продукција, поттикнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, јазикот и традицијата на заедниците во Република Македонија, почитување на културните и религиозните разлики, поттикнување на културата на јавен дијалог меѓу граѓаните со цел да се зацврстува взаемното разбирање и толеранција за унапредување на односите помеѓу различните заедници, поттикнување на творештвото, образовниот и научниот развој. Исто така, законот треба да обезбеди заштита на интересите на корисниците особено на малолетните лица, потоа развој на медиумската писменост, транспарентен, независен ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис, транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, како и развој на економијата во Република Македонија, рече министерот Ивановски.
Тој го образложи и функционирањето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како надлежен орган за регулирање на медиумската област.
Свои излагања имаа претставниците на Здружението на новинари на Македонија, Македонската асоцијација на новинари, Центарот за развој на медиуми, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Македонскиот институт за медиуми, Советот за радидифузија, главни уредници и слободни новинари.
Утре ќе се одржи и јавна расправа за Законот за медиуми, а министерот Ивановски најави уште една јавна расправа за двата закона за медиуми, на 13 август и на неа ќе учествуваат експерти од мисијата TAIEX, од ОБСЕ и од Советот на Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Зошто експресно се менува постоечкиот закон за медиуми кој ОБСЕ го оцени како европски?
-
МАН со осуда за изјавата на Ванхауте: Вашата изјава е говор на омраза и расизам
-
ВМРО-ДПМНЕ со конструктивен предлог до СДСМ: Изберете еден од европските закони за медиуми
-
МАН е за изборен кодекс, не ги прифаќа предлозите на Ванхауте и СДСМ


