| четврток, 6 декември 2018 |

САД за Грција: Кризата е дополнителен проблем во однос на Кипар и на Македонија

grcijaЕкономската криза во Грција ја отежнува можноста за решавање на спорот за името со Македонија, изјави новоименуваниот американски амбасадор во Грција, Дејвид Пирс, во сведочењето пред Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат. Прашан дали кризата во Грција значи дека е полесно или потешко да се решат споровите со Македонија и статусот на поделениот остров Кипар, тој додаде:

-Многу е тешко политички за било која Влада да се справи со состојба во која економијата се намалила за 24 проценти. Грците направија напредок и важно е да работиме со нив да им помогнеме да поминат низ овој, за нив, многу тежок период. Спорот за името трае над 20 години, и е многу тешко прашање. Се надеваме дека амбасадорот Метју Нимиц ќе може да направи напредок. Ги поддржуваме неговите напори и се надеваме дека ќе се најде решение кое би било взаемно прифатливо за двете страни и тоа би било добро за регионална стабилност и интеграциите во евро-атланските институции. Улогата на САД е да биде присутна, ангажирана, да набљудува, рапортира и да им даде можност на одговорните во Вашингтон да ги имаат информациите кои им се потребни, изјави предложениот амбасадор Пирс.

Пирс, кој служел во Авганистан, Пакистан и како амбасадор во Алжир, малку подетално се задржа на можностите на решавање на спорот со Кипар, слично како и кандидатката за заменик државен секретар за Европа Викторија Нуланд, која сведочеше пред две недели. Според Пирс, има подобрување на односите меѓу Грција и Турција, и очекување преговорите за Кипар да продолжат во текот на октомври. Грција и кипарските Грци се под засилен притисок да го решат спорот со Турција и кипарските Турци, по откривањето на резерви на природен гас во Средоземното Море. Турција може да го попречи експлоатирањето на овие резерви, со кои и грчки Кипар и Грција се надеваат дека ќе се спасат од економската криза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top