| четврток, 6 декември 2018 |

Херардо Мартино е новиот тренер на Барса

Барселона има нов тренер, а тој доаѓа на местото на Тито Виланова

martino
Шпанскиот фудбалски гигант Барселона го претстави официјално својот нов тренер, Херардо Мартино, кој на клупата ќе го наследи Тито Виланова. Откако стана јасно дека Виланова од здравствени причини нема да може да ја извршува тренерската професија, раководството на Барселона се фокусираше во потрагата по нов стратег, а спортскиот директор Андони Зубизарета вели дека Мартино бил прв избор.

„Клубот не сакаше да си заминат ниту Пеп Гвардиола, ниту Тито Виланова. Но, сега сме тука за да го презентираме нашиот нов тренер, Херардо Мартино, кој беше наш прв избор, откако беше обелоденето дека Виланова нема да може веќе да ја извршува тренерската функција. Му посакуваме многу среќа и се надеваме на многу успешни моменти“, изјави Зубизарета.

Херардо Мартино знае дека доаѓа во еден од најдобрите европски клубови, што е за него ново искуство, иако има богата тренерска кариера.

„Барселона е предизвик за секој тренер. Тоа е еден од најголемите клубови во светот, чест ми е што ќе работам овде и се надевам дека ќе ја продолжиме успешната низа на освоени трофеи. Ќе го задржиме истиот стил на игра, со мали модификации, затоа што секогаш треба да се стремиме кон подобрување на играта. Формацијата и понатаму ќе биде 4-3-3, ја применував и кога работев во репрезентацијата на Парагвај и во Њуелс Олд Бојс“, изјави Херардо ’Тата’ Мартино на неговата промоција.

Барселона исто така ги демантираше наводите дека Мартино е доведен на барање на Лионел Меси, истакнувајќи дека сепак се работи за клупска одлука поддржана од сите структури.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top