Перо Антиќ е првиот Македонец што потпишал договор со тим од НБА, а во следните две години ќе биде член на Атланта хоукс, екипа што лани играше конференциско полуфинале, односно беше меѓу најдобрите 8 состави. Новиот „јастреб“, што е прекар на Атланта, во мини-интервју за „AJC.com“ вели дека ова е најголем предизвик во кариерата за него.
– Не сакав уште еднаш да пропуштам можност да играм во НБА. Овој договор е голем предизвик за мене, веројатно и најголем досега во кариерата. Не можете да добиете повеќе од ваква шанса да играте со најдобрите кошаркари на светот – вели Антиќ.
Иако има 30 години, раководството на Атланта не се двоумеше дали да го ангажира крилниот центар на македонската репрезентација. Перо ќе игра со екстра-квалитетни кошаркари од калибарот на Џош Смит, Ал Хорфорд, Елтон Бренд, а во Атланта играле легенди како Доминик Вилкинс, Мозес Мелоун, Пит Маравич, Боб Петит и дузина други одлични кошаркари.
– Не велам дека ќе освојам шампионски прстен, но дека ќе дадам сѐ од себе да му помогнам на тимот да победува, во тоа сум сигурен. За мене е чест да настапувам за Хоукс и тоа му го кажав на тренерот Мајк (Баденхолцер, з.а.) кога ми понуди да играм за Атланта – изјави Антиќ.
По кусиот престој во САД, за да го потпише двегодишниот договор, капитенот на македонската репрезентација ќе се врати дома, а потоа би требало да се приклучи на подготовките во Словенија, пред настапот на нашата репрезентација на ЕП, во септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хаос во НБА: Се степаа ѕвездите на Лејкерси и Хјустон! (Видео)
-
Твитер скандал на Трамп: Не е лесно да направите Леброн Џејмс да изгледа паметно
-
Животната приказна на нашиот центар: Антиќ во центарот на вниманието на Евролигата (видео)
-
Забивањето на Антиќ прогласено за потег на колото во АБА лигата (видео)