Камен-темелникот на ЕУ е воедно и нејзин камен на сопнување. Унијата се темели на почитувањето на човековите права, владеење на правото и еднакви принципи кон сите. Овие темелни вредности се погазени во случајот на Македонија. Веќе четири години членките на ЕУ се солидаризираат со членка која од нас го бара незамисливото – погазување на човековите права, правото на самоидентификација, на човечко достоинство, посочи претседателот Ѓорге Иванов во Брдо кај Крањ на пленарната сесија на состанокот на лидерите од Брдо процесот.
– Од нас се бара да дојдеме до заемноприфатливо решение со Грција за надминување на прашањето околу името. Грција ги одбива нашите иницијативи за директни средби. Го одбија и последниот предлог од премиерот Груевски. Одговорот од Атина е дека нема потреба од средба бидејќи Грција не е таа што ја блокира Македонија, туку Унијата. Очекувам да слушнам дали е вистина дека Унијата не блокира или пак e тоа Грција – нагласи Иванов пред учесниците на состанокот.
Тој посочи дека веќе четири години бара од многу лидери да побараат од Грција да се придржува до рамката во која се водат разговорите, а тоа се резолуциите на Советот за безбедност 817 и 845, Привремената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, и додаде дека неговите напори не вродиле со плод.
Ви понудив, укажа Иванов, аргументи со кои може да се побара од Грцја да се однесува европски кон земја-кандидат и сосед, кон регионот и кон колективниот интерес на Унијата.
– Во 1992 година под притисок на Грција го променивме Уставот. Во 1993 година Република Македонија прифати да биде примена во ОН под привремен начин на обраќање. Мојата земја прифати да разговара за разликите околу името. Во 1995 година склучивме Привремена спогодба со Грција која само ние ја ратификувавме и која само ние ја почитуваме. Непосредно пред самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година прифативме конкретен предлог од медијаторот Нимиц. Но, бевме блокирани – рече Иванов.
Тој ги запраша присутните на состанокот дали би биле подготвени да направат компромиси какви што направи Република Македонија, и дали некој може да каже дека Македонија е бескомпромисна?
– Ние немаме план Б. Единствено што не знам е дали ЕУ има план Б. Но, имале или не, на нас е ние самите да ја создаваме Европската унија во Македонија, да работиме напорно на исполнувањето на стандардите и критериумите, самите да ја создаваме европската агенда и да го правиме скринингот. Кога датумот ќе дојде, ние ќе бидеме подготвени. Ние ќе продолжиме со реформите за доброто на нашите граѓани – додаде претседателот Иванов.
Пред одржувањето на пленарната сесија, Иванов имаше билатерална средба со Оланд, пренесе државната МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


