| четврток, 6 декември 2018 |

Торцида најави присуство во Скопје и покрај забраната

Навивачката група „Торцида“ не ја есапи УЕФА и нејзината одлука за забрана за гостување и веќе тргна кон Скопје да го бодри Хајдук против Турново, каков ќе биде епилогот од оваа одлука ќе видиме утре

torcida-8e167a

Помал дел од членовите на оваа група со автомобили преку Црна Гора и Косово ќе допатуваат во Скопје, а се организираат и со автобуси за пат кон Македонија, пред утрешниот реванш меч од квалификациите за ЛЕ, што ќе се игра од 17,45 часот на националната арена „Филип Втори“ во нашиот главен град.

УЕФА стриктно им забрани да гостуваат во Скопје, а им се закани на Хајдук и на Турново дека ќе ги казни ако им продаваат билети за утрешниот дуел. Од „Торцида“ возвратија дека не ги интересира одлуката на европската куќа на фудбалот, а веќе добија една ваква битка пред 4 години.

Во Жилина, Словачка, сплитските навивачи направија голем инцидент, имаше и повредени и уапсени, а им беше изречена драстична казна, со забрана за влез во земјите членки на Европската Унија. Потоа на суд во Словачка, тие го добија случајот и забраната падна во вода.

Ако дојдат во Скопје, а од Хрватска веќе информираа дека дел од нив се на пат кон Македонија, можно е нашиот главен град да го очекуваат нови потреси, по завчерашниот хаос.

Пред и за време на дуелот меѓу Вардар и Стеауа, меѓусебе се пресметаа членовите на навивачката група „Комити“, а потоа се вмеша и полицијата, па имаше вистинска битка пред јужната трибина и во градскиот парк.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top