-На средбата меѓу шефовите на македонската и грчката дипломатија стана збор за прашања од заеднички интерес во рамките на веќе познатите позиции – ова е единствената реченица за вчерашната прва средба меѓу Никола Попоски и Елефтерос Венизелос. Ниту македонското, ниту грчкото министерство за надворешни работи не откриваат повеќе детали.
Според дописникот на Нетпрес од Атина, поголем број грчки медиуми денеска го пренесуваат опширното соопштение од македонското Министерство за надворешни работи.
Во меѓувреме, весникот „Парон” под насловот „Име произведено во САД ќе бара Обама за Скопје” пишува дека пораките што стигнуваат до Грција преку Атлантикот се јасни и не многу оптимистички.
Весникот пишува дека иако на средбата меѓу грчкиот премиер Андонис Самарас и американскиот претседател Барак Обама на осми август ќе доминираат економските и енергетските теми, со најсилен притисок Самарас ќе се соочи во однос на прашањето за Македонија.
„Вашингтон сака прашањето да се реши што е можно порано во рамките на 2013-тата година”, стои во текстот.
Весникот информира дека името Горна Македонија е прифатено од страна на Американците, но прашањето било дали тоа е прифатливо и за Самарас.
Интересно е што и албанскиот фактор во македонската Влада, по неколку остварени средби со високи американски функционери, инсистира дека токму Горна Македонија требало да биде прифатливо решение.
Од друга страна пак, грчки владини извори уште пред неколку недели информираа дека во случај на притисок врз Атина во однос на прашањето со името и евентуалната криза што тој би ја предизвикал, Самарас „херојски” ќе барал излез во предвремени избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


