„Поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање, Кире Наумов, вели дека тој и Никола Младенов имале договорена средба во седум часот вечерта во Скопје. Наумов се обидел да го добие од седум до седум и триесет, но на едниот телефон линијата била постојано зафатена, а на другиот телефон (Младенов поседувал два телефона) бил недостапен. По некое време се откажал под претпоставка дека му излегла некоја важна непредвидена работа“.
Ова беше објавено во медиумите веднаш по загинувањето на сопственикот на „Фокус“, Никола Младенов. Наспроти изјавата на некогашниот разузнавач, републичкото Обвинителство излезе со поинакво тврдење.
– Возилото и телото на покојниот Никола Младенов не се најдени врз основа на движењето на одреден мобилен телефон. Тие се најдени по јавување на едно од две лица кои на 27 март околу 11 часот со возило се движеле токму на оваа клучка, каде што се случила сообраќајната незгода и тие застанале бидејќи забележале дека огромен дел од металната ограда ја нема. Оттука погледнале и виделе дека долу има патничко моторно возило превртено на покривот. Од тие причини едно од овие две лица се јавило во полициската станица „Петровец“ на дежурниот полицаец, па тој известил и проследил до посебната служба за информирање на МВР и истовремено на ова место упатил патрола, која дошла за десет минути. Од тој момент местото на настанот е целосно обезбедено од полициската станица, сѐ до доаѓањето на јавниот обвинител, истражниот судија и целата екипа. Обвинителството ја повика сопругата на Младенов, Билјана Младенова. Таа ни рече дека не знае каде отишол господинот Младенов. Тргнувајќи од листата на дојдовни и појдовни повици, тоа не можеме да го утврдиме затоа што на тој телефонски број, кој ни го посочи госпоѓата Младенова, покојниот Младенов имал комуникација заклучно 16.05 минути. Тоа е неговата последна комуникација. Станува збор за мал број комуникации остварени на базните станици Капиштец 2 и Трнодол. После тоа нема остварено комуникација на тој број – вели обвинителката Гордана Гешковска, која објаснува дека на местото на несреќата не е најден мобилен телефон.
На новинарското прашање каде се телефоните на Младенов, Гешковска одговори:
– Не знам зошто зборувате во множина кога сопругата на покојниот ни кажа само еден телефон. Не е најден. Дали зборуваме во множина? Станува збор, по кажувањата на Младенова, за само еден телефон.
„Република“ по прес-конференцијата на Обвинителството, на која беше образложена истрагата за загинувањето на Младенов, разговараше со Наумов. Тој вели дека Младенов имал два телефони, едниот од мобилниот оператор „Т-мобиле“, другиот од „ОНЕ“.
– Бевме договорени да се видиме. Му ѕвонев на бројот на ОНЕ, прво ми даде сигнал како да ѕвони, а веднаш потоа како зафатено. На бројот на Т-мобиле беше недостапен. Го побарав три-четири пати на бројот на 076. Тоа беше во периодот од 18.50 до 19.00 часот. Следниот ден неговата сопруга ми се јави од неговиот број од Т-мобиле. Го вклучила за да види броеви, да го побара. Ми кажа дека овој телефон му останал дома – ни рече Наумов.
Иако Наумов истата изјава ја имаше дадено веднаш по истрагата, Обвинителството не контактирало со него за да го запраша на кои два броја тој се обидел да го добие Младенов.
Републичкиот обвинител Марко Зврлевски изјави дека за некој да биде распрашан, тие треба да имаат трага, сознанија и сомнеж дека има потреба некои луѓе да бидат распрашани.
Дали тоа што се појавија повеќе луѓе со изјави дека разговарале со Младенов по 16 часот и 5 минути не е доволна трага за тие да бидат сослушани? Дали посочувањето на Наумов дека Младенов имал два телефонски броја не е причина тој да биде сослушан и да се провери листата на повици на вториот број за кој многумина тврдат дека Младенов го поседувал?!
Разговараше: Билјана Зафирова
Целиот текст е објавен во 46. број на неделникот Република, кој од денеска (19.7.2013) е во продажба
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.