| четврток, 6 декември 2018 |

Рускиот „Магичен свет“ на Катја Ветрова – добитник на наградата за најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале“ на 9.Мобил филм фестивал

Автори од Русија, Шпанија, Ирак и од Македонија беа наградени синоќа на 9.издание на Мобил филм фестивал, што се одржа во Кинотеката на Македонија. Публиката можеше да проследи селекција од најдобрите филмови што годинава пристигнаа на адресата на фестивалот.
Жирито во состав: Весна Ристовска, режисер, Гораст Цветковски, актер и Сашо Павловски, продуцент и режисер, ги избраа најдобрите и ги наградија во неколку категории:

• Награда за најдобар филм „Ратка Илиевска – Лале“
„Магичен свет” – автор Катја Ветрова, Русија

• Награда за најинвентивен филм
„Сенки на радио на Истокот“ (Shadows of a radio in the east) – автор Начо Ресио, Шпанија

• Награда за најоригинална приказна
„Чевли“ – Филип Петрески, Македонија

• Награда за најдобра идеја
“Ailan”- Јубраил Абубакер, Ирак

На фестивалот учествуваа тројца автори од Македонија со свои филмови. Тие добија благодарници за учество. Доријан Миловановиќ го промовираше својот филм „Танц“, Борис Таковски – „Int.room“, а Филип Петрески учествуваше со наградениот „Чевли“.
Наградените добија плакети, а авторот на најдобриот филм доби и стипендија за студирање на Универзитетот за аудиовизуелни уметности од Скопје.
Мобил филм фестивал се одржа од 16 до 24 ноември, во Кинотеката на Македонија, под мотото „Dream big, start small“. Фестивалот го организира продуцентската куќа „КТ филм и медиа“ од Скопје, а го поддржа Град Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top