| четврток, 6 декември 2018 |

Власта преку судот се изживува врз Јанакиески и Божиновски – тврди адвокатот Миланов!

Укинување на мерката притвор, во понеделник на јавна седница во Апелационот суд ќе побараат поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и екс генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски. Тие веќе 10 дена се во  притвор.

Одлуката за притворот на екс министерот Миле Јанкиевски и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски ја донел кривичниот суд, на барање на СЈО, кое пак добило информации од УБК, дека двајцата се подготвувале за бегство. Тука логично се наметнува прашањето, ако специјалното обвинителство знаеле дека екс премиерот планирал бегство, се поставува прашањето, зошто тогаш не го спречиле. Начинот на кој Груевски побегнал од државава се уште не е познат, па оттука нејасно е како Јанакиески и Божиновски планирале идентично бегство.

Според решението на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 за прифаќањето на предлогот на СЈО, Миле Јанакиески да биде притворен, откако претходно било утврдено дека Јанакиески наводно преку посредник барал амнестија од претседателот.

Адвокатот на обвинетите Еленко Миланов вели нејасно е зошто би му бил потребен посредник на Јанакиески со шефот на државата Иванов, кога лично тој двапати учествувал во неговата кампања за претседател, а Божиновски имал висока позиција во Владата за која не му е потребен посредник за средба. Дури и да барале амнестија, недозволиво е тоа да биде поврзано со нивно бегство.

– Прво и основно ако одиме по соопштението од кабинетот на Претседателот на државата, господинот Ѓорге Иванов, воопшто ниту имало средба која што била во насока на било каков разговор за амнестија, уште помалку тоа било со некаков си посредник на господинот Миле Јанакиевски или Кирил Божиновски. Ако го следиме тоа соопштение не се спори, што не го спори ниту Миле Јанакиевски дека тој остварил средба со претседателот на државата, но во врска со актуелната политичка ситуација во државата, а не за некаква амнестија. Правно е многу погрешно да воопшто тоа што стои во службената белешка да се бара амнестија, затоа што амнестија дава собранието, не претседателот, тој и не е надлежен да дава амнестија, тој може да даде аболиција. Аболицијата за конкретниот случај „Титаник“ е дадена уште во април, мај 2016 година, што значи тоа е право кое веќе е стекнато и што има сега повторно да бара во таа насока, а дури и да постави ново барање за аболиција, тоа не укажува на бегство, вели Миланов.

На повеќето рочишта на СЈО адвокатот на екс министерот за транспорт Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски, Еленко Миланов се повикуваше на одлуката на Европскиот суд за човекови права којшто даде свое мислење за аболиција за двајцата обвинети од случајот „Таргет и тврдина“ за кои Македонија бараше да бидат екстрадирани од Грција во Македонија. Меѓутоа судот во Атина го отфрли тоа барање.

– Процесно, во судница, судовите преминуваат преку тоа затоа што тоа решение, тие одлуки за аболиција од претседателот на државата беа предмет на приговорите. Овие судечки судии, во конкретниот случај тоа било предмет на оценка при одлучување по приговорите, не се прифатиле како такви и во овој момент, процесно не одлучуваат за тоа. Но, тие, во секој случај ќе мора крајно, со донесување на својата одлука да одлучат и во однос на тие решенија за аболиција и нивното значење. Во таа насока и Европскиот суд за човекови права, не само оваа одлука од Атина, туку и таа од Атина на Врховниот суд околу екстрадицијата се повикува на друга одлука од Европскиот суд за човекови права, во однос на Словачка, ако не се лажам, каде што имаме потполно идентичен случај како што е во конкретниот случај – вели Миланов.

Според него, донесена е одлука за аболиција, односно прекратување на кривично гонење, која потоа е повлечена.

– Но, законот за кривична постапка вели дека стекнато право во корист на обвинетиот не дозволува да биде променето. Конкретно, нема значење повлекувањето. Прво, во време на донесување на тие решенија за аболиција претседателот не можел да ја повлече својата одлука. Со измените се дава можност да може да се повлече. Но, тоа е решение коешто е едно од ретките во правосудниот систем каде што нема право на жалба и коешто е конечно со неговото донесување. Значи, тоа беше конечно, создаде права за секој оној во однос на кого е донесено. Согласно праксата, искажана во таа пресуда на Судот за човекови права јас милам дека и нашите судечки совети, иако тоа упорно го одбегнуваат, со процес на одложување мора да одлучат и во тој дел при донесување на своите одлуки односно пресуди – рече Миланов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top