Историографските проблеми меѓу Македонија и Бугарија не може да се решат преку ноќ. Во работата на заедничката Македонско-бугарската комисија, пред се, е потребно време и трпение и од самата историгорафска фела, и посебно од јавноста. Затоа што историографските проблеми меѓу двете земји постојат 60 и повеќе години и не може да се очекува ние да ги решиме преку ноќ, макар само и во делот на образованието, вели за МИА Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја и шеф на македонскиот тим во заедничката комисија за историски и образовани прашања, формирана согласно Договорот за доброседство, која на 29 и 30 ноември во Софија треба да го одржи третиот состанок.
– Потребно е време, некои процеси, настани и личности темелно да се анализираат во соодветниот временски, политички, културен контекст и да се дојде до одредени решенија. Знам дека јавноста гледа црно – бело на тие проблеми. На пример, често е поставувано прашањето чиј бил цар Самоил и се бара брз и јасен одговор. Невозможно е да се одговори на тој начин на тоа прашање. Историите и на Бугарија и на Македонија во прилична мера се испреплетуваат, имаме личности кои се слават и овде и таму и од далечното и од поблиското минато. И затоа, невозможно е да се гледа црно-бело на проблемите. Мора внимателно, подолго време да се работи на одредени прашања и понекогаш времето е најдобар сојузник за многу работи. Верувам дека ќе дојде време за одредени работи кои сами ќе созреат и едноставно ние само ќе ги констатираме. Ако се тече како што треба, оваа комисија треба да поработи неколку години за да дадеме конструктивни резултати кои нема да бидат политички, туку здрави академски резултати – вели Ѓоргиев.
Запрашан за оценка во однос на досегашната работа на Комисијата по двете одржани средби, Ѓоргиев појаснува дека досега е утврдена методологијата и принципите на работа, а разменети се и забелешките на двете страни во однос на учебници од 5. 6. клас и за македонските од 6. и 7. одделение.
– Започнавме со анализа на учебниците и тука веќе имавме сериозни дискусии на високо академско ниво. Беа определени главните забелешки кои ги имаме ние во бугарските учебници, и бугарската страна во нашите учебници. И тие забелешки, на 12 ноември, беа разменети. Сега овие забелешки се во фаза на обработка, да видиме што и пречи во нашите учебници на бугарската страна, а што нам во бугарските учебници. На следната средба во Софија овие забелешки уште еднаш ќе бидат дискутирании и ќе се направат обиди за нивно надминување, се разбира со аргументи. Евентуалните заеднички прифатливи решенија потоа како препорака ќе бидат доставени до владите на двете држави кои понатаму би ги процесирале во понатамошна фаза за нивно вклучување во наставните програми, вели директорот на ИНИ.
Запрашан за какви забелешки станува збор, Ѓоргиев посочува дека бугарската страна забележува дека генерално тонот во македонските учебници е непријателски настроен кон Бугарија.
– Тука е и нивната забелешка за Самоиловото царство. Во нивната историографија тоа е претставувано како бугарско, кај нас или како Самоилово или како македонско царство. Од наша страна беше забелешката за етничкото и национално мапирање на овие територии уште во праисторијата, односоно карти и во македонските и бугарските учебници во кој се национализира просторот на кој денес се простираат современите држави Република Бугарија и Република Македонија. Тоа за еден ученик е несоодветен пристап – вели Ѓоргиев.
Една од главните забелешки на македнската страна, генерално е дека територијата на денешна Република Македонија се третира како неослободена бугарска територија, и тоа од средниот век па до 20. век. Има и други забелешки, додава Ѓоргиев, кои се поконкретни и кои се поткрепени со примери од учебниците, меѓутоа тие ќе бидат тема на разговор, и доколку за нив се дојде до решение, тоа ќе биде образложено и презентирано пред јавноста.
– Ние хронолошки ги анализираме само учебниците по историја, а не расправаме за академската историографија. Целта на овие комисии е да ги подобрат содржините, наставните програми по предметот историја и во Македонија и во Бугарија со цел идните генерации кои ќе учат историја да немаат чувство на непријателство кон својот прв сосед. Значи целта е да се воспитуваат генерации кои на многу порелаксиран начин ќе гледаат на минатото, а не да растат со чувство на непријателство создадени преку учебниците по историја, кои еден човек ќе го следат целиот живот. Во академската историографијата толкувањето на минатото зависи пред се од личниот пристап на еден историчар, од неговиот морал, етика и професионалност во пишувањето на историјата, вели за МИА, Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја и шеф на македонскиот тим во Македонско-бугарската комисија за историски и образовани прашања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.