По минатогодишната посета на министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски во Индонезија, и по вложениот труд за преговори за пласман на македонски производи на индонезискиот пазар, продолжува економската соработка меѓу Македонија и Индонезија.
Извршниот директор на Македонскиот совет за надворешна трговија Азија-Пацифик, Владимир Кофчегарски, како дел од патувачкото шоу во Југоисточна Азија, во последните два месеци, деновиве во Џакарта се сретна со претставници од Стопанската комора на Индонезија – Кадин, каде заедно со Оливер Оехмс – висок советник за трговија и инвестиции, Хари Ханави – претседател за безбедност на храна и член на Одборот на Стопанската комора и Фачри Тхаиб разговараа за инвестициските потенцијали на Македонија како и за намалувањето на трговскиот дефицит од 100 милиони кој Македонија го бележи со Индонезија.
– Оваа посета се одржи за да се продолжи она што го почна министерот за надворешни работи, Никола Попоски, од страна на македонската влада. Нашата примарна цел е намалување на трговскиот дефицит, а воедно и за презентација на Македонија како поволна инвестициска дестинација за индонезиските компании, а и за промоција на туристичките потенцијали на нашата земја – изјави Кофчегарски.
-Ги повикуваме македонските компании да инвестираат во Индонезија. Спремни сме да им помогнеме на Вашите корпорации кои би биле заинтересирани за влез во Југоисточна Азија преку Индонезија. Иако сте мала земја, сепак имате шанса за прогрес во Југоисточна Азија, особено во Индонезија, изјави Оливер Оехмс.
Индонезија претставува економски лидер во Југоисточна Азија со годишен раст од 6.8% и популација од 250 милиони жители. Растот на економијата се должи на државната интервенција, каде 160 – те корпорации во сопственост на Државата, претставуваат основа на Индонезиската економија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.