Грчката Влада и Грчката православна црква вчера постигнаа условен договор околу 10.000 свештеници и помошен персонал да се отстранат од платниот список на Владата, со што се отвора патот кон јасна поделба помеѓу црквата и државата.
Договорот е постигнат помеѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и архиепископот Јеронимос. Договорот предвидува државата да исплаќа субвенции на посебен црковен фонд за исплата на плати за свештениците.
Со договорот опфатено е и решение за повеќедеценискиот спор околу имотот на грчката држава и Грчката православна црква, која е еден од најголемите сопственици на недвижнини во земјата.
Според досегашниот систем, платите на свештениците се исплаќаат директно од државниот буџет, како и вработените во јавниот сектор, а за платите на свештениците се издвојуваат околу 200 милиони евра годишно.
Договорот постигнат помеѓу Ципрас и архиепископот Јеронимос треба да биде усвоен на седница на Влада, во Парламентот и од страна на црквата.
Здружението на грчки свештеници веќе најави дека ќе се спротистави на секој обид за укинување на статусот државни службеници.
Грчката православна црква со векови има водечка улога во државата, а според Устав, православието е официјална религија во Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.