| четврток, 6 декември 2018 |

„Летечките пекинезери“ ќе летаат во Луксембург

Популарниот скопски џез-квинтет „Летечки Пекинезери“ на 20-ти јули, во Луксембург, покрај многуте музички изведувачи од целиот свет ќе настапи на традиционалниот „Блуз и Џез собир“ („Blues’n Jazz Rallye“)

Фамозниот „Blues’n Jazz Rallye“ е музички маратон кој се одржува секое лето, и е најпопуларниот летен настан во Луксембург, кој привлекува над 25.000 посетители годишно. Повеќе од 250 музичари ќе настапат на 12 сцени, поставени под отворено небо, како и во концертните сали, ресторани и кафулиња на различни локации низ градот. Нашите Пекинезери, ќе настапат на отворено, на сцената на Југоисточна Европа, заедно со уште два состави од Република Србија и Република Полска.

 

„Летечки Пекинезери“ (Бојан Петков-гитара и перкусии, Иво Солдатовиќ-кларинет, Кирил Туфекчиевски-контрабас, Славчо Коцев-тапани и Петар Христов-тенор саксофон) се македонски џез состав со единствена цел, да создава нова свинг музика. Досега имаат продуцирано преку 40 авторски дела и издадено еден самостоен албум, за реномираната „Skopje Jazz Festival Records“. Потеклото од Македонија, неминовно се чувствува во нивната музика, преку влијанието на балканските звуци.

 

Oвој џез-квинтет пред сѐ циркулира по ноќните клубови и фестивалите во земјава, а одвреме-навреме и на фестивалите надвор од Македонија. Во последниве две години тие бележат настапи во Словенија, Црна Гора, Албанија и Косово, а минатиот ноември одржаа концерт и во Њујорк, С.А.Д.

 

На „Blues’n Jazz Rallye“, „Летечки Пекинезери“ ќе претстават и дел од материјалот од нивниот втор самостоен албум, чие снимање се планира летово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top