Изградбата на гасоводот на лот5 , Скопје – Тетово – Гостивар, продолжува според основниот проект кој има правосилно одобрение за градба и сите други потребни дозволи дефинирани со позитивните законски прописи. Изградбата е според сите стандарди на квалитет и безбедност, порачуваат од Македонски енергетски ресурси (МЕР).
– Ако има сомнеж или индикации за каква било повреда на некои законски постапки и прописи, ги повикуваме сите што евентуално поседуваат такви информации да се обратат до надлежните институции во рамки на правниот систем на државата, велат од МЕР во рекација на денешното соопштение од Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ во кое побара итно прекинување на активностите за изградба на гасоводот низ Водно заради, како што велат, загрозувањето на животот на работниците на терен и игнорирањето на мерките за заштита од ерозија.
МЕР, порачуваат, има постојана комуникација и соработка со граѓанското здружение, со цел инклузивност, информираност и сеопфатност, и така ќе продолжиме и понатаму.
– Координацијата можеше да биде уште поефективна доколку граѓанската иницијатива воспоставеше појасна структура за комуникација со институциите, на што МЕР укажа неколку пати, и поради што се појавија извесни недоречености и недоразбирања. Сепак, како резултат на овие разговори произлегоа низа предлози идеи и сугестии кои што придонесоа за намалување на влијанието врз животната средина, и ние им се заблагодаруваме на нивниот придонес, велат од МЕР.
Напоменуваат дека Владата, МЕР и Град Скопје ги прифатија најголемиот дел од барањата и сугестиите, како што се: намалување и стеснување на работниот појас, измена од 20 км до 24 км, со цел избегнување на сечење на дел од шумата, направен е проект за дополнителни мерки за ерозија, програма за рекултивација на која што веќе работи работната група, носење на закони за Водно, Матка и Гази Баба, за кои веќе се работи во надлежните институции, финансирање на неколку еколошки проекти, за кои има одлука на Влада и ред други технички барања и сугестии
– Но, мора да се напомене дека барањето за изнаоѓање алтернативна траса во оваа фаза на реализација на проектот, не е возможна, од причини што неколку пати беа образложени. Исто така, барањето на некои од иницијативите за откажување од проектот Гасификација е целосно неприфатливо бидејќи е спротивно на интересите на граѓаните, спротивно на заштитата на животната средина и спротивно на очекувањата на бизнис заедницата. Во сите јавни дебати ги потенциравме нашите аргументи, а кои што беа потвредни од сите стручни лица од областа, дека поминувањето на подземен гасовод низ јужната страна на Водно ќе има минимимални и сосема незанемарливи влијаниа врз екосистемот на Водно, и скоро никакви влијаниа врз амбиенталниот воздух на Скопје, потенцираат од МЕР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.