| четврток, 6 декември 2018 |

Џамбазов, детето во тело на педесетгодишник

Го научивме како Трајче во „Волшебното самарче“. За таа улога му ја зеде наградата „Лице на годината на Вечер“ на својот популарен дедо, еден од најпознатите и најдобри македонски актери, Петре Прличко. Едноставно, меѓу нив двајца, читателите го избраа помладиот. Сега Трајче одбележи половина век живот. Македонскиот шоумен Игор Џамбазов го прослави својот педесетти роденден. Во друштво на најблиските пријатели во селото Слепче, каде што Џамбазов е стациониран за време на летните месеци, ги дувна свеќичките на роденденската торта. И, секако, не се пропушти можноста педесетте години да станат дваесет. Не е важно колку си стар, важно е како се чувствуваш.

Dzambazov 50 godini (5)

Игор Атанасовски, или како што Игор Џамбазов го нарекува, Гуру Харе, беше задолжен за музичкиот дел од малата прослава. Испејани стихови, кажани неколку добри вицеви, онака како што Џамбазов знае да ги кажува, одлична имитација на легендарниот Петре Прличко, потсетување на згодите и незгодите во изминатите педесеттина години… Игор го одбележи почетокот на шестата деценија од својот живот.

Dzambazov 50 godini (6)

Љупчо Тодоровски-Упа, Гуру Харе, Стотче (пријателот на Игор, еден од главните ликови во Прирачник за Анти анти алкохоличари), баба Маца, пријатели од Скопје и од Слепче, охридската легенда Јуре и, секако, Емилија Џамбазова, „авторката“ на последната книга „Приказни од Мјаукедонија“, беа дел од забавата ЏИШ 50. Упа и многу, многу други му доделија благодарница на Џамбазов, едно дете во тело на педесетгодишник за тоа што ѐ и затоа што е!

Dzambazov 50 godini (2)

Џамбазов не заборави и на својот стар пријател, Бошко Џамбазов. На педесеттиот роденден го посети и вечното почивалиште на кучето што живееше како човек.

Dzambazov 50 godini (3)

Во куќата во Слепче, местото-рај каде што Џамбазов ги полни батериите, се наоѓа и едно катче, кое потсетува на она што познатиот актер, пејач, композитор го има направено низ годините. Неколку златни бубамари, почесен граѓанин на Василево, карикатура со дедо Петре, кој „немал потреба да се погледне во огледало, доволно било само да го погледне внукот“, со наградите за личност на годината доделени од „Вечер“, авторски протрет, благодарници… сѐ на едно место. Тоа е местото на Игор, човекот кој го заборава минатото, ја живее сегашноста, ја сонува иднината.

Dzambazov 50 godini (1)

Dzambazov 50 god  (7) (Custom)

Фото: Република

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top