| четврток, 6 декември 2018 |

Женска вечер на СЏФ: Мете Расмунсен, Сузана Сантош и џез триото Мопо настапуваат вечерва

Данската саксофонистка Мете Расмусен, уникатниот многуброен женски вокален состав „Трондхејм војсис“ (Trondheim Voices) и специјалното трио на португалската трубачка ѕвезда Сузана Сантош Силва, настапуваат вечер на Скопскиот џез-фестивал (СЏФ).

Полноќниот термин е резервиран за возбудливото и динамично џез-трио „Мопо“ (Mopo) од Финска.

СЏФ ги најави вечерашните концерти како ексклузивни.

„Глава полна со идеи“, вака се опишува музиката на Расмусен, која живее и работи во Трондхајм, Норвешка. Таа е претставник на новиот бран екстремни инструменталисти – импровизатори. Користи различни техники на свирење, а нејзините настапи ги обединуваат публиката и уметникот.

Уникатниот многуброен женски вокален состав „Трондхејм војсис“ ќа понуди впечатлив аудиовизуелен перформанс. Суптилната интеракција меѓу пејачките, дизајнерот на звук и публиката секојпат создава нова музика. Револуционерниот и иновативен норвешки ансамбл креира уметност на звукот, постојано предизвикувајќи ја и менувајќи ја структурата на композицијата.

Сузана Сантош Силва доаѓа со извонредниот холандски саксофонист, кларинетист и композитор Аб Баарс, како и со чикашката легенда Хамид Дрејк. Светската критика последниве години ја смета Силва за еден од најмоќните нови експоненти на современиот џез и импровизацијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top