Меѓународното жири на чело со турскиот маестро Зеки Демиркубуз, заедно со Росица Валканова и Лазар Секуловски одлучија трите награди на фестивалот „Киненова“ да се доделат на само еден филм. Наградите за најдобро сценарио, најдобра режија и најдобар филм тие ги доделија на филмот „Блискост“ од Кантемир Балагов.
-Жирито се одлучи да ги даде трите награди на само еден филм, бидејќи потполно се истакна со својот храбар пристап во сите овие аспекти. За импресивниот кастинг за големото артистично и длабоко вистинито раскажување, за емотивниот импакт наградите за најдобро сценарио, најдобра режија и најдобар филм одат за „Блискост“ од Кантемир Балагов, велат во својата одлука членовите на жирито.
Филмот говори за 24-годишната Илана му помага на татко и‘ при поправките на автомобили во нивната гаража. Една вечер организираат веселба по повод веридбата на нејзиниот брат. Доцна во ноќта младиот пар е киднапиран и семејството тргнува во потрага по пари за откуп. Во оваа мала еврејска енклава вмешувањето на полицијата не доаѓа предвид. Како семејството ќе собере пари за да ги спаси младенците? Илана и нејзините родители ќе се обидат да најдат различни за да стигнат до целта, ризикувајќи ги меѓусебните односи кои и онака не се на ниво.
Фантастичен филм за кој може да се дискутира од различни аспекти и кој ќе го разнесе вашиот ум. Балагов, пуленот на култниот Александар Сокуров, е вистинско откритие на новото руско кино!
Кантемир Балагов е роден на 28 јули 1991 година во Налчик. Во 2015 година ги заврши студиите по режија на Државниот универзитет „Кабардино-Балкар“ кај менторот Александар Сокуров. Зад себе има два докментарни и еден краток филм. „Блискост“ е негово дебитантско целовечерно остварување.
Жирито оддаде Специјално признание за филмот „Без датум и потпис“ од Вахид Џалилванд, за мајсторскиот и минималистичен начин на кој раскажува една комплексна приказна.
Членовите на жири-комисијата се заблагодарија и на фестивалот „Киненова“ за моќната селекција.
-Жирито би сакало да се заблагодари на филмскиот фестивал КинеНова за претставувањето на необично моќна селекција на филмови кои се истовремено филмични и посветени на човечки вредности, потенцираа членовите на комисијата.
Вечерва во 20 часот се заокружи официјалниот дел од програмата на третото издание на „Киненова“ (следните два дена во „Кинотека“ финишираат останатите филмски програми).
Заради технички проблем, прегорен исправувач на ламбата на проекторот, кино „Милениум“ не беше во можност да овозможи да се реализира завршната вечер, па затоа истата се префрли во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар.
На затворањето беше прикажан филмот „Ага“, фантастичниот филм на бугарскиот режисер Милко Лазаров, визуелен спектакл кој го затвори годинашното Берлинале, а ја доби и главната награда во август на Сараевскиот филмски фестивал, „Срцето на Сараево“
„Ага“ раскажува за снежната дивина на северот, каде Нанук и Седна живеат традиционално и изгледаат како да се последните луѓе на Земјата. Тие сонуваат за повторно обединување со нивната ќерка Ага, која ги напуштила многу одамна, по една тривијална семејна расправија. И додека пејзажот околу нив драстично се менува од година во година со раното топење на мразот, по боледувањето на Седна, Нанук решава да тргне на пат и да и’ ја исполни нејзината последна желба.
Многумина велат дека по антологискиот „Наку од север“ на , никој подобро не го насликал животот во екстремни услови од бугарскиот автор Милко Лазаров. Актуелниот добитник на „Срцето на Сараево“ ќе ве убеди дека наједноставните приказни највеќе погодуваат директно во срцето, особено ако истите претставуваат визуелен спектакл кој се доживува единствено на сребрениот екран.
Милко Лазаров (1967) дипломирал на Националната академија за театар и филм во Софија во класата на професорот Владислав Икономов. Неговиот дебитантски филм „Отуѓување“ (Otchuzhdenie, 2013) ја имаше својата премиера на 70. Венециска Мостра во селекцијата „Venice days“. „Ага“ е негов втор филм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Три фантастични филмови на Зеки Демиркубуз- enfant terrible на турската кинематографија во кино „Милениум“
-
Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“: Нема поубава работа од тоа да си го одржите личниот, но и колективниот интегритет на високо ниво
-
Репризни проекции на филмовите наградени на „Киненова“
-
Денеска завршува програмата за Европско културно наследство на „Киненова“