| четврток, 6 декември 2018 |

Претставена екипата на филмот „Ругање со Христос“: Актерите Јоана Пилиху и Агририс Каканис специјални гости на Фестивалот (галерија)

На третата прес конференција на фестивалот „Киненова“ присуствуваа режисерот на филмот „Ругање со Христос“, Јани Бојаџи, како и специјалните гости на настанот, актерите  Јоана Пилиху и Агририс Каканис од Грција.

-Се чувствувам прекрасно, тоа беше исклучително искуство. Сите од тимот со кои работев беа крајно професионални, се запознав со прекрасни луѓе, имавме одлична комуникација и на еден начин создадовме конекција со луѓе со кои не го зборуваме истиот јазик, но не ни требаше за да комуницираме, да се смееме и да соработуваме. Благодарам за гостопримството во текот на неколку месеци додека работев овде и би сакала да се вратам повторно, рече Јоана

Таа го читала сценариото на англиски и рече дека малку и било тешко на почетокот.

-Англискиот јазик не ми е мајчин јазик. Откако почнав да го читам почнав да ги откривам различните делови и луѓето од различни земји кои играа во филмот. Мислам дека е многу уникатно што се зборуваат толку многу јазици во филмот и различни култури, различни луѓе и мислам дека треба да има повеќе вакви филмови. Ги допира сите бидејќи секој од актерите го носи својот дом во филмот. Мислам дека токму тоа го прави единствен, истакна Јоана.

Аргирис се заблагодари за поканата и прекрасното искуство за време на снимањето.

-Ова што го правите овде во Скопје со фестивалот „Киненова“ е прекрасна работа. Целиот тим заедно со режисерот Јани направија одлична атмосфера додека снимавме, прекрасно си поминавме и сите беа професионални и како актер долго ке го паметам ова искуство бидејќи не го зборуваме истиот јазик, но страста кон работата не поврзува. Среќен сум што присуствував синоќа на финалниот резултат, што можев да го погледнам филмот. Сценариото е всушност за потрага по идентитетот. Различните култури за мене беа многу интересни. Јас тоа го гледав преку очите на протагонистите. Останува на публиката сама да процени. Ни требаат на сите вакви филмови. Ни требаат филмови над кои ќе се замислиме малку повеќе. Му честитам на целиот тим за ваквите придобивки, рече Аргирис.

Љупчо Тодоровски ги покани своите колеги да почнат да се бават со суштински прашања на овој народ и на оваа држава.

-Драго ми е што бев дел од филм кој е еден од ретките, ако не и  единствениот кој во последниве години кој се бави со суштински проблеми на овој народ и на оваа држава. Имаме многу проблеми и многу народи. Да се направи филм за нешто е една од најтешките и најодговорните работи. Лично сум почестен дека бев дел од една поширока идеја да се направи филм кој што е битен за гледачот,  кој што се бави со суштинските проблеми од неговиот живот, кој што досега  политиката, па и ние како луѓе ги занемарувавме. Ги поканувам моите колеги од филмската индустрија да почнат да се бават со суштинските прашања на овој народ и на оваа држава, оти нам тоа ни треба и само како такви ќе оставиме белег за своето постоење, парите што ги добиваме од државата ќе бидат оправдани, а иднината ќе биде загарантирана зошто луѓето во светот сакаат да видат како тоа другите луѓе живеат.

-Со малку пари да се направи еден ваков филм е голем успех и јас сум презадоволен од соработката и мислам  дека во голема мера го постигнавме и етичкото и уметничкото барање или потреба што овој филм ја предизвика. Презадоволен сум од колегите од Грција, Франција, Албанија, Бугарија, Германија…и благодарен сум што беа дел од овој филм. Досега сум глумел на шест јазици, овие три, вклучувајќи го и наречјето на егејските Македонци е деветти јазик и тоа беше моја најтешка улога во животот, а како сум ја одиграл ќе каже публиката.

Јани Бојаџи за вчерашната проекција рече дека тоа било можност за разделба со филмот.

-Човек кога оди по патот на својата судбина станува дел од неа. Синоќа беше совршената можност јас и филмот да се разделиме, тој да си тргне по својот пат, јас по мојот. Вчера беше за мене разделба и драго ми е што беше со песна и весело. Повеќе јас не сум важен, а на филмот му посакувам добра среќа. Сакам уште еднаш да подвлечам ова е актерски филм. Ако ги немаше овие актери, сите скапи камери, организација итн, се ќе беше бесмислено без нив. И јас и филмот се должиме на нив.

На прашањето дали филмот ќе се прикажува некаде за оние кои немаа можност да го гледаат вчера, Бојаџи рече дека засега само во Штип има закажана проекција во понеделник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top