| четврток, 6 декември 2018 |

Врачување на наградата „Антево перо“

В петок и сабота во Скопје и во Лазарополе ќе се одржи Меѓународната културно-поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“. Отворањето на дводневната манифестација востановена годинава во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, академик Анте Поповски, ќе биде означено со поетско читање во спомен собата на поетот во Центарот за култура во општина Ѓорче Петров, со почеток во 19.00 часот.

Со по една своја песна ќе се претстават 10-мина поети од земјата и странство кои творат на македонски јазик, а чии што стихозбирки се најдоа во пошироката конкуренција за наградата „Антево перо“.

За истата вечер е предвидено официјалното претставување на наградената збирка „Кумова слама“ и врачување на наградата „Антево перо“ на лауреатот Славе Ѓорѓо Димоски, доделување на пригодни признанија на поетите придружници на наградениот автор Марина Мијаковска и Михајло Свидерски, како и благодарници на поетите (67) кои учествуваа на годинешниот конкурс.

На 29 септември, манифестацијата ќе продолжи во хотелот „Калин“ во родното селото на Поповски – Лазарополе, со формирање на Академија Анте Поповски. Еминентни творечки имиња од сферата на литературата и културата воопшто, почитувачи на творештвото на Поповски, како и негови долгогодишни соработници во својство на членови на Академијата (чиешто членство од година во година ќе се зголемува), на овој начин ќе водат грижа за натамошната физиономија и растеж на Манифестацијата.

Во Паркот на поезијата во Лазарополе пред бистите на писателите Анте Поповски, Симон Дракул (исто така роден во Лазарополе), како и на Кочо Рацин, ќе се одржи поетски рецитал, а напоредно со убавиот збор, непресушниот креативец Живко Поповски Цветин, ќе демонстрира пригодни сликарски техники и мајстории.

Предвидена е и посета на богатата Библиотека во домот на Анте Поповски, кадешто во последните години од својот живот ги создаде монументалните дела „Света песна“ и „Две тишини“. За учесниците на манифестацијата ќе биде организирана и посета на Црквата „Свети Ѓорѓи“ во Лазарополе, еден од најпрепознатливите симболи на културата во Мијачијата, со преубав, редок и вреден иконостас, но и со доста богатата галерија на стари икони, која за жал беше пред неколку години беше осквернавена од сѐ уште непознати крадци.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top