Скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека за вчерашниот случај со евакуираните жители од ТЦ „Скопјанка“, за жал Градот нема многу законски надлежности во таа процедура. Тврди дека морал да преземе сѐ како човек и како градоначалник за да биде сигурен дека луѓето ќе можат да се вратат безбедно во нивните домови.
– Во таква состојба не можете да бидете нем сведок, без оглед што немате ингеренции како градоначалник. Видовте дека јас бев присутен таму се додека не се обезбеди безбеден влез на луѓето во домовите. Тој влез има 48 стана. Без да ги испитате сите постапки и протоколи за да ги вратите луѓето безбедно во нивните домови едноставно е неодговорно. Морав да преземам сѐ како човек, па и како градоначалник да бидам сигурен дека луѓето кои живеат во тој влез ќе можат безбедно да се вратат во нивните домови, рече Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање пред порта „Македонија“.
Појасни дека во Република Македонија имаме два система кои можат да испитаат токсини во водухот, едниот е во рамки на Центарот за управување со кризи, сместен во Велес, а вториот е во рами на АРМ и е сместен во касараната „Петровец“.
– Бидејќи неоколку часови луѓето стоеја пред влезовите за нас побрзото решение беше да се активира оваа единица. На моја молба се спроведоа сите армиски процедури и се дозволи присуство на таа единица која констатира зголемено присуство на амонијак во критичниот стан, рече Шилегов.
Додаде дека тоа не е наивна работа и потсети оти сме имале смртни случи кога луѓе влегувале во шахти или во септички јами.
– Амонијакот може да биде сериозно штетен. Моравме да ја провериме количината на тој токсин во воздухот и откако се уверивме дека се е безбедно, ги вративме луѓето. За мене приоритет беше безбедноста на граѓаните кои живеат таму, истакна Шилегов.
Тој информира дека утрото до пет часот екипи на Град Скопје го чистеле станот број 11, а Центарот за социјална работа бил контактиран и нивни претставници биле присутни синоќа на терен. Додаде дека жената одбила да биде згрижена и очекувам семејството да добие соодветна социјална заштита.
Најави дека денес ќе ја погледнат состојбата со хигиената во станот, ќе му помогнат на семејството и на луѓето кои живает во тој влез. Станот во целост ќе се исчисти, дезинфицира, а во следните неколку дена да може да се исчисатат и останатите станови во зградата, по вертикала. Шилегов рече дека имаат согласност од станарите да му помогнат на семејството да се реновира станот, откако ќе се исчисти.
Прашан за неприсуството на градоначалникот на Аеродром Златко Марин, Шилегов рече дека тој имал сериозни приватни обврски таа вечер, но контактирале и не било неопходно неговото присуство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.