Во рамките на 53. издание на „Охридско лето“, се подготвуваат три ексклузивни концерти – сите различни по својата стилска експресија, но подеднакво врвни по концертниот перформанс и достигнувањата на музичката сцена. Во Охрид доаѓаат хорската атракција „ВИВА ВОКС“, најпродаваниот гудачки квартет во музичката историја „БОНД“ и ансамблот на виртуозниот виолинист РОБИ ЛАКАТОШ.
Исклучителната хорска атракција „Вива вокс“ („Viva Vox“) доаѓа од Белград и молскавично го освои светот со неверојатните гласови кои експериментираат со различни музички жанрови! Нивниот концерт, насловен „Voice vs The Machine“, кој ќе се одржи во Античкиот театар на 2 август, ќе биде и нивна прва средба со македонската публика. Нивниот карактеристичен и глобално препознатлив звук претставува „а капела“ интерпретација, во придружба на битбокс, на музиката од светските ѕвезди Елтон Џон, „Рамштајн“, „Продиџи“, „Ред хот чили пеперс“,„ АББА“, „Квин“, „Рејџ агенст д машин“, „Нирвана“, „Систем оф а даун“…, водени од начелото дека не постои звук кој не е можно вокално да се репродуцира.
Станува збор за хор со извонредна концертна моќ, кој предизвикува огромен интерес за нивните настапи како во престижните концертни сали, така и на сцените на големите музички фестивали. Имено, „Вива вокс“ пред два дена беше дел и од церемонијата за отворање на овогодинешниот фестивал во Нови Сад, „Егзит“, каде што одржаа фуриозен настап и уште еднаш ги поместија границите на невозможното кога е во прашање човечкиот глас.
Покрај „Вива вокс“, дел од манифестацијата „Охридско лето“ е и ексклузивниот концерт на најсензационалниот светски гудачки квартет „БОНД“ („BOND“). „БОНД“ e најпродаваниот гудачкиот квартет во историјата на музичката индустрија, претставен од четири атрактивни девојки кои се познати и како „Спајс грлс“ на класичната музика. Зад себе имаат неверојатни 56 платински и 15 златни тиражи, 5 милиони распродадени албуми, огромен број изданија и работа на музика за холивудски филмови и настапи во над 70 држави.
Огромен успех во многу земји ширум светот постигнаа и со последниот албум „Play“ во 2011 година. Групата чиј успех е препознаен насекаде во светот, својата инспирација ја црпи од класичната, латино, џез, фолк, рок, поп, електро-музиката. Минатата година имаа спектакуларен настап со Расел Бренд на церемонијата на затворањето на Олимписките игри во Лондон, а неверојатниот квартет, конечно, првпат доаѓа пред македонската публика и тоа во рамки на прославата на 10 години од нивното постоење.
На 4 август, пак, во Античкиот театар во Охрид доаѓа и исклучителниот унгарски виолинист и уметник РОБИ ЛАКАТОШ, со концерт кој ќе биде ретка пригода за македонската публика да ужива во виртуозната убавина на „ѓаволскиот виолинист“.
Роби Лакатош (Roby Lakatos) на извонреден начин го прикажува спојот на класичната музика со џез додатоци и изворен мелос. Виртуоз со извонредна стилска разноликост, Лакатош – познат и како „ѓаволскиот виолинист“, е редок музичар кој ѝ пркоси на музичката дефиниција. Роден во легендарното семејство кое потекнува од Јанош Бихари, „кралот на ромските виолинисти“, неговото музицирање еволуираше во рамките на семејство, но и на Бела Барток, конзерваториумот во Будимпешта, каде што ја освои првата награда за класична виолина во 1984 година. Тој има соработувано со легендарните Вадим Репин и Стефан Грапели, а неговото виртуозно свирење го восхити и американскиот виолинист сер Јехуди Менјухин.
ВЛЕЗНИЦИТЕ ПУШТЕНИ ВО ПРОДАЖБА
Влезниците за овие концерти се веќе достапни во продажба, и тоа во повеќе категории, во зависност од распоредот на седење во Античниот театар во Охрид:
• БОНД: 800, 1000 и 1200 денари,
• ВИВА ВОКС: 600, 700 и 800 денари,
• РОБИ ЛАКАТОШ: 600, 700 и 800 денари.
Продажбата на влезниците се спроведува во продажната мрежа на МК тикетс, а можете да ги резевирате во Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат), на тел.бр.: (02) 3239860. Сите дополнителни информации за влезниците можете да ги најдете на овој линк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.