Норвешкиот министер за транспорт, Кетил Солвик-Олсен, денеска поднесе остаква од функцијата давајќи ѝ простор на неговата сопруга, која работи како доктор, за наредок во кариерата. Ваквиот гест на Олсен беше поздравен во јавноста како пример за еднаквост меѓу мажите и жените.
– Беше фантастично да се работи како министер за транспорт и врски и, ако сум целосно искрен, би сакал да продолжам така до крајот на животот – изјавил Солвик-Олсен, член на Партијата за напредок, кој на позицијата бил од 2013 година.
– Сепак, сега дојдов на крстосница во мојот живот кога е ред на сопругата да го оствари својот сон. Сето ова е дел од договор што го направивме пред многу години – објаснил тој.
Неговата сопруга, Тона Солвик-Олсен, ја прифатила за период од една година понудата за лекарска позиција во детска болница во САД.
Ваквата одлука наиде на воодушевување кај корисниците на социјалните мрежи: „Одлука вредна за почит“, „Фантастичен пример“, се дел од коментарите на корисниците на „Твитер“.
Норвешка е на второ место зад Исланд во последниот извештај на Светскиот економски форум за еднаквост меѓу мажите и жените.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.