| четврток, 6 декември 2018 |

Ивица Коневски: Тоа што го сработив во текот на двата мандата некому му пречи затоа што поставив многу високи стандарди

Поради зачестената злоупотреба на неговото име на социјалните мрежи, поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски се обрати до јавноста. Во продолжените го пренесуваме неговото обраќање во целост.
Почитувани, изминатиот период моите име и лик се предмет на класична злоупотреба по социјалните мрежи. Се отвораат страници на Фејсбук, на кои секојдневно без никаква основа се пласираат бескрупулозни навреди и лаги, а чија единствена цел е моја стигматизација. Располагам со сериозни индикации за тоа кој стои како администратор зад една од тие страници и против тоа лице ќе покренам судска постапка. Навистина ми е жал што одредени луѓе, својата немоќ и неспособност се обидуваат да ја прикријат со девалвација на туѓиот успех. Јас веќе речиси цела година не ја извршувам градоначалничката функција. Но, очигледно тоа што го сработив во текот на двата мандата некому му пречи затоа што во тој период вложив многу труд и поставив многу високи стандарди, кои за волја на вистината, се тешко одржливи без деноноќна работа. Општина Аеродром е моја гордост и цврсто стојам зад секој проект што е реализиран под мое водство. Секогаш оставав делата да говорат за мојата работа, а од оваа дистанца, без лажна скромност, можам да кажам дека јас и мојот тим создадовме општина за пример. Реализиравме стотици проекти од сите сфери, а кога заминав од функцијата градоначалник, Општината ја оставив со повеќе од четири милиони евра и без денар долг. На оние кои постојано се обидуваат да ме компромитираат и кои секојдневно шират лаги и обвинувања за мене, сакам да им порачам дека еден ден ќе се засрамат од тоа што го прават денес. На најбезобразен начин си ги покажуваат своите фрустрации и малодушност. Мојот образ е чист и сакам да знаат дека без оглед на сѐ јас мирно спијам. Сите осум години работев чесно и единствено во интерес на граѓаните. Секогаш сум се водел од мислата дека денес работиме за идните генерации да се гордеат со нас, а јас одам со крената глава бидејќи мојата мисија како градоначалник ја завршив успешно.
Со почит, Ивица Коневски

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top