| четврток, 6 декември 2018 |

Филипче: Немам никаква врска со набавките од „Д-р Пановски“! – таму одговорноста е на клиниките

Министерот Филипче и Министерството за здравство немаат никаква врска со набавките во четири очи со веледрогеријата „д-р. Пановски“ од страна на клиниката за онкологија и радиологија – тврдат од кабинетот на министерот во реакцијата која пристигна до редакцијата на Економски Лидер, објави Лидер.

За случајот, кој минатата недела го откри Економски Лидер, вчера постапка отвори Основното Јавно Обвинителство, кое најави дека ќе истражува за можен организиран криминал за набавките во четири очи од 24.6 милиони. ОЈО ќе истражува и потенцијална вмешаност на министерот Филипче, кој покрај за ова, под истрага е и за тендерот од 36 милиони евра за централизирана набавка на реагенси.

Филипче пак, во реакцијата која пристигна до редакцијата на Лидер, вели дека и документите кои ги објавивме потврдуваат дека тој нема никаква вмешаност со набавката веледрогеријата „д-р. Пановски“.

-Во врска со наводите изнесени во текстот, Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во целост се оградува од содржината. За сето наведено, министерот нема ниту мандат ниту каква било поврзаност, од причина што јавни набавки на лекови како и интервентни набавки на лекови за потребите на јавните здравствени установи се спроведуваат согласно потребата на секоја установа одделно, односно постапките се во целост децентрализирани. Впрочем, тоа е евидентно наведено и во самиот предметен текст, односно во приложените документи на текстот. – стои во реакцијата која пристигна од кабинетот на Филипче.

Документите кои ги објави Економски Лидер покажуваат дека веледрогеријата „д-р Пановски“, во периодот примила 24.6 милиони денари или 400.000 евра без притоа за набавките да се распише тендер. Со овие набавки евидентно е дека постои интенција да се заобиколи законот за Јавни набавки со кој е предвидено за овие суми да се распише тендерска постапка и аукција.

Од институциите се правдаат дека се работи за интервентни набавки, но ситнењето на истата набавка на повеќе месеци, покажува дека намерно се склучуваат договори во четири очи. Што според законот е кривично дело.

Ќерката директорува, таткото заработува милиони

Веледрогеријата „д-р Пановски“ е во сопственост на Златко Пановски, кој е овластен потписник на сите договори. Пановски е татко на Ирина Пановска Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија, назначена од Министерот за здравство.

Во пракса се покажува дека додека ќерката директорува, таткото заработува милионски цифри од здравствените установи кои ги водат нејзините колеги. Во исто време, симптоматично е што Пановска важи за блиска пријателка на министерот Филипче со кој не го кријат пријателството и заедничките појавувања во јавност а веледрогеријата на нејзиниот татко е и официјален спонзор на владејачката СДСМ.

Укинувањето на Советот за јавни набавки, што беше една од првите реформи кои ги донесе владата на СДСМ, отвори токму можност за вакви активности. Сека повторно, како некогаш, се доделуваат милионски суми без тендерска постапка.

Листата на склучени договори и сумите за истите со веледрогеријата „д-р. Пановски“:

Договор за набавка на лекови RITUXIMAB склучен со ЈЗУ Клиника за Реуматологија на ден 24.04.2018 година во вкупен износ од 5.250.000,00 денари;
Договор за набавка на кеси за земање на крв склучен со ЈЗУ ИНСТИТУТ ЗА ТРАНСФУЗИОНА МЕДИЦИНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СКОПЈЕ на ден 15.05.2018 година во вкупен износ од 4.859.712,00 денари;
Договор за набавка на Вемурафениб таблети 240 мг склучен со ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија на ден 19.03.2018 година во вкупен износ од 5.700.000,00 денари;
Договор за набавка на Вемурафениб таблети 240 мг склучен со ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија на ден 16.03.2018 година во вкупен износ од 2.100.000,00 денари;
Договор за набавка на ВЕМУРАФЕНИБ таблети 240 мг склучен со ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија на ден 11.01.2018 година во вкупен износ од 4.095.000,00 денари;
Договор за набавка на лекови склучен со ЈЗУ Клиничка болница Битола на ден 13.02.2018 година во вкупен износ од 151.200,00 денари;
Договор за набавка на инсулин склучен со Министерство за здравство на ден 27.12.2017 година во вкупен износ од 2.500.000,00 денари;
Договори во четири очи, истиот лек, со три различни цени!

Нашето истражување за набавките во четири очи со веледрогеријата „д-р Пановски“ покажува дека најсомнителните договори ги потпишувал директорот на Универзитетската клиника за радиологија и онкологија д-р Никола Васев.

Васев склучил 3 договори во четири очи во само 3 месеци за набавка на лекот Вемурафениб а во сите три договори единечната цена на бараните таблети е различна и единствена причина за спроведување на ваков вид на постапка е причини од крајна итност.

Ова наведува на заклучок дека користењето на овој вид постапка не е оправдување бидејќи станува збор за очигледен пропуст на Институтот, кој бил должен да го планира, како количеството, така и очекуваниот почеток на јавната набавка, за да не се доведе во ситуација да има недостаток на потребната количина на лекови и како последица на тоа да користи нестандардни постапки коишто треба да бидат исклучок, а не правило.

Договорите се склучувани без преговори, односно, веледрогеријата „д-р. Пановски“, дава цена која клиниката ја прифаќа. Не постои аукција, ниту пак прибирање на понуди од други компании.

Сомнителни се и самите единечни цени коишто се постигнати, односно „наметнати“ од „д-р Пановски“, а кои варираат во секоја од спроведените постапки иако се работи за ист вид на стока (Вемурафениб таблети 240 мг).

Согласно првиот договор, цената за едно пакување, без ДДВ изнесува 696,4 денари.

Во вториот договор, за следниот месец, цената расте и едно пакување на Вемурафениб чини 728,86 денари.

Цената за едно пакување од истиот лек, еден месец подоцна станува 885 денари.

Ова говори за евидентно оштетување на буџетот, ако се има в предвид дека цената за еден ист лек за само три месеци се зголемила за цели 200 денари. Пресметано во милиони, какви што се набавките, оваа разлика доведува во огромен профит за веледрогеријата д-р Пановски.

Во прилог трите сомнителни договори со „д-р Пановски“:

Договор 1 – https://drive.google.com/file/d/1vdsUYbUoPfx4_wyxAYRI_xDo-8uDIQWD/view?usp=sharing

Договор 2 – https://drive.google.com/file/d/13cAlOE8xXBFoCBu_30TZKudJA6keGcM9/view?usp=sharing

Договор 3 – https://drive.google.com/file/d/1m_uhuU5dvX_X1L2Ss7_OIqU56sWZfuhr/view?usp=sharing

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top