| четврток, 6 декември 2018 |

Светска недела на доењето: Многу често мајките при најмал проблем се откажуваат од доењето

„Доењето основа на животот“ е годинешното мото на Светската недела на доењето, што традиционално се одбележува од денеска до 7 август.

Доењето е најдобар начин да се обезбедат хранливи материи кои му се потребни на детето кога ќе се роди. Мајчиното млеко е неопходно за правилен раст, развој и здравје на бебето, а воедно е добро и за физичкото и психичкото здравје на мајката. Светската здравствена организација препорачува со доење да се почне еден час по раѓањето на детето до негови шест месеци. Со воведување цврста храна се продолжува и доењето до втората година, но и повеќе.

Во светот исполнет со нееднаквост, кризи и сиромаштија, доењето е основа за доживотно добро здравје на бебињата и мајките, стои во пораката објавена на веб страницата на Светската здравствена организација по повод Светската недела на доењето.

Светска недела на доење- Одбележувањето на Светската недела на доење е начин да се зборува на таа тема и да се подигне свеста на мајките за потребата и за бенефитот од доење. Бенефитите се многубројни. Според податоците, 23 отсто од мајките дојат екслузивно, 41 отсто дојат предоминантно, односно додаваат и други течности. Просечната стапка на доење во светот е околу 30 отсто глобално, истакна Бранкица Младеновиќ, претсе­да­тел­ на Ко­ми­те­тот за про­мо­ци­ја, поддршка и за за­шти­та на доењето при Министерството за здравство и раководител на Заводот за здравствена заштита на мајки и деца.

Според неа, производството на млеко не зависи во толкава мера што и колку јаде мајката, затоа што во екстремно лоши услови, на пример престој во затвор, во елементарни непогоди, мајките успевале да произведат доволно квалитетно млеко.

Потенцира дека мајката треба да има психолошка поддршка, да знае како да го воспостави доењето, како правилно се дои, а доколку се јави некој проблем треба да и се помогне за да го надмине и да не се откаже од доењето. Многу често, наведува Младеновиќ, мајките при најмал проблем се откажуваат од доењето и тоа е една од главните причини за ниската стапка на мајките кои дојат.

– Мајките многу често не ја примаат потребната поддршка токму во моментот кога им е најпотребна. Тие многу брзо го напуштаат породилиштето после два дена, а треба убаво да им се објасни за доењето. Дома патронажната сестра ги посетува, но многу често таа е оставена сама на себе. Aко мајката добие впечаток дека нема доволно млеко или бебето не сака да цица, не треба да се откажува, туку треба да побара совет од патронажните сестри и од лекарите кои работат во превентивните тимови, истакна Младеновиќ.

Таа појасни дека советување за доење мајките може да добијат преку телефон или да дојдат во пунктовите за имунизација. Патронажните сестри ги посетуваат мајките кои дојат, меѓутоа нагласува Младеновиќ, може да се случи патронажната сестра да дојде двапати во првиот месец, а потоа мајката да има проблем и таа без да се советува едноставно да се откаже од доењето.

– Потребно е континуирано некој да им помага, да ги охрабрува и да им помага во решавање на проблемите. Има голем број невладини организации кои се занимаваат со советување. Треба да се подобри соработката меѓу државните институции и невладиниот сектор и идните мајки уште во бременоста да бидат информирани за доењето, да знаат како се воспоставува и што ги очекува, а не откако ќе се породат, по тој стресен период да се соочуват со дополнителни проблеми поврзани со доењето, посочи Младеновиќ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top