| четврток, 6 декември 2018 |

Хaосот е само одложен

 Дафина Стојаноска
– пратеничка

Деновиве најактуелна тема од областа здравство беше и сеуште е тендерот за реагенси при министерството за здравство.

После неколкудневен силен притисок од страна на опозицијата и на јавноста, тендер – министерот се одважи овој тендер, односно тендерската постапка, да ја прекине.

Секако дека, кога се работи за оваа владеачка гарнитура, не не изненадуваат вакви тендери, како што не не изненадуваат и распределбите на пари од инвестициските фондови, како што не не изненади и минатогодишната распределба на средствата во програмата на Министерството на култура. Би не изненадил можеби некој крупен инфра – структурен проект или покачување на плата или некоја нова фабрика во државава?!?

Мене, да бидам искрена, најмногу, што се однесува околу овој тендер, ме загрижува и ме плаши хаосот кој ќе настане после неговото, да се надеваме, правично доделување на најсоодветната фирма следниот пат. И можеби затоа се и сите овие драматизации околу тендерот и неговото доделување. За да се оттргне вниманието на јавноста (т. е. на пациентите) за тоа – што ќе се случува кога планот на министерот околу централизацијата на лабораториските услуги во државава ќе почне да се реализира во пракса.

Хаосот допрва следува. Бидејќи, пациентите не ќе „смеат“ да имаат повреди или акутни случаи после 10.30 часот, затоа што резултатите за анализите за тековниот ден ќе се собираат само до овој термин. Што ќе биде со повредени во сообраќајки, со деца за кои ќе треба итна АСТ – анализа, со луѓе кои ќе добијат акутен напад на слепо црево и со уште бројни вакви примери? Сите овие и вакви слични примери ќе навлезат во еден огромен хаос, кој ќе предизвика и испровоцира бројни несакани реакции од страна на пациентите.

Самите лекари – ќе имаат ли верба во добиените резултати кои, наместо веднаш да бидат изработени од стручни и соодветни кадри во соодветните болнички лаборатории, ќе патуваат километри и километри до регионалниот центар, по планот на министерот? Ќе се отвори сомнеж за веродостојноста на резултатите, за можноста од човечки грешки итн. Да не ги споменувам и условите под кои примероците за анализа ќе бидат транспортирани ( за поедини анализи потребни се и специфични температурни услови ). Едноставно, наместо работата да биде брза и навремена, ќе стане бавна и комплицирана.

Секако, не можам, а да не се запрашам и загрижам за медицинскиот персонал кој нема да биде во овие осум централни лаборатории. Што ќе се случи со нив?

Ниту еден граѓанин во оваа држава не може да не биде еден ден и корисник на лабораториски услуги, без разлика дали е болен или здрав, дали е дете или е возрасен човек. Сите, ама буквално сите граѓани на државава, сме и треба да бидеме засегнати со оваа централизација на лабораториски услуги.

Тендерот е стопиран, но централизацијата не е. Македонската јавност треба да знае што следува. Бидејќи, хаосот во здравството по однос на лабораториските услуги е само одложен, а не и стопиран.

На времето, некој работеше здравствените услуги (матични лекари, аптеки и сл.) да станат достапни и во најруралните населени места во државава, а денес сме сведоци како некој го работи токму спротивното – го централизира здравството. Сведоци сме како некој глуми „зафатен и заангажиран“, а во суштина „крева прашина онаму каде одамна е асфалтирано“.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top