| четврток, 6 декември 2018 |

Бизнис можностите во Македонија презентирани во Париз

 Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, господин Бил Павлески, и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, господин Виктор Мизо, вчера беа во економска посета на Париз.

Во соопштението од кабинетот на Пешевски се вели дека за време на форумот вицепремиерот ги истакнал поволностите за водење бизнис посочувајќи ја поволната деловна клима во земјата, притоа осврнувајќи се кон придобивките за странските компании, како што се пристапот до 660 милиони потрошувачи, обезбеден преку договорите за слободна трговија, како и најнискиот даночен пакет во Европа и стабилното макроекономско опкружување.

Пешевски ги претставил потенцијалите за инвестирање во инфраструктурата и енергетскиот сектор и воедно се осврнал и на владините заложби за јакнење на потенцијалите за инвестиции како и на тековните реформи во државните институции, образованието и инфраструктурата кои се насочени кон унапредување на условите за водење бизнис и обезбедување поголем развој на македонската економија.

Министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески пред присутните на бизнис форумот ги претставил инвестициските можности во земјоделскиот и ИТ секторот и ги презентирал идните мерки кои ќе ги унапредат подобностите на овие сектори.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо, со својата презентација ги информирал присутните за поволностите со кои се стекнуваат странските инвеститори присутни во технолошко-индустриските развојни зони, како што се даночното ослободување за реинвестирана добивка и ослободувањето од данокот на добивка и данокот на доход во првите 10 години. Виктор Мизо особено го нагласи потенцијалот за инвестирање во туристичките развојни зони и туристичкиот сектор.

За време на форумот свое обраќање имаа и претставници на француски компании кои се веќе присутни во Македонија, при што пред нивните сонародници ги презентираа позитивните бизнис искуства стекнати при водењето бизнис во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top