Врховниот суд на САД денеска реши да не дозволи во ноември да се гласа за предлогот за поделба на државата Калифорнија на три дела.
Калифорнискиот бизнисмен Тим Дрејпер ја финансираше кампањата за овој предлог да биде поставен пред гласачите на Калифорнија. Според предлогот, гласачите ќе решеа дали сакаат Калифорнија да се подели на Северна Калифорнија, која би го вклучувала Сан Франциско и Силиконската Долина, сегашниот главен град Сакраменто и северните пространства на државата; Јужна Калифорнија, како главно земјоделска држава и Калифорнија – густо населен крајбрежен појас од Лос Анџелес до Монтереј.
Врховниот суд ја прифати жалбата на неколку организации од Калифорнија, кои инсистираат дека таквото барање не може да се постави пред граѓаните на референдум, бидејќи со него значително се менува политичкото уредување на најнаселената американска сојузна држава.
Овој предлог има поддржувачи во двете најголеми политички партии во САД. Демократите протестираат поради тоа што Калифорнија, иако има 40 милиони жители, во Сенатот е застапена со само двајца сенатори, исто како далеку помалите држави како Вермонт или Мејн.
Од друга страна, Републиканската партија во овој предлог гледа можност да ги валоризира гласовите на руралните, конзервативни Калифорнијци кои живеат во внатрешноста на државата, и кои би можеле да бидат мнозинство барем во Јужна Калифорнија, и со тоа би помогнале во претседателските избори.
Според сегашниот модел, големото мнозинство што демократите го имаат во густо населените крајбрежни делови на Калифорнија ги поништува гласовите на конзервативните гласачи од руралната внатрешност и поради тоа демократите со сигурност можат да сметаат на сите 55 гласа што Калифорнија како држава ги носи при изборот на претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.