| четврток, 6 декември 2018 |

Пендаровски: Грција не побарала досега ерга омнес, ние се подместивме

Националниот координатор за НАТО и истакнат член на СДСМ, Стево Пендаровски го призна поразот на владата на Заев при преговорите со Грција за промена на името на државата. Имено тој истакна дека од Македонија досега, не било побарано да го промени уставното име на државата, односно името кое се користи за внатрешна употреба.

Со други зборови, за прв пат во преговорите, грчката страна побарала од премиерот Заев промени во македонскиот Устав. Тој забележа дека целата преговарачка делегација била збунета и изненадена кога на маса се нашле измените во македонскиот Устав кои досега не биле на маса. Пендаровски не објасни како се случило македонската страна да го прифати ваквото грчко барање.

-Ерга омнес има две компоненти, внатрешна и надворешна. Грците инсистираа на ерга омнес, надворешната компонента значи секаде во меѓународните организации од кога јас памтам. Со оглед на годините и стажот, паметам одамна. Значи веројатно во 90-тите. Тие никогаш не прифаќаа ние билатерално со некои држави да нè реферираат и ословуваат со Република Македонија; Ерга омнес за внатре стартува сега со обновените преговори од јануари, ако не се лажам февруари оваа година. И тоа морам да ви кажам најотворено, тоа беше на огромно изненадување на сите нас што сме, условно кажано, од македонската страна. Бидејќи претходно никогаш тие не барале промена на Уставот. Тоа се приказни за мали деца дека тие барале уште во 90-тите промена на Уставот. Не е точно. Не ви зборувам што било објавувано во грчки медиуми. Говорам за она што Нимиц кажувал или што пренесувал како грчки предлог и што Василакис има кажувано како официјален грчки предлог. Ова дојде сега, истакна Пендаровски во гостувањето во „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ промената на Уставот ја гледа како една од најголемите мани на овој капитулантски договор како што тие го нарекуваат и во континуитет ја обвинуваат владата дека се откажала од македонскиот идентитет,јазик, име, историја како и малцинството во соседните земји со потпишувањето на овој договор. Опозицијата меѓу другото ги нотира изјавите на Зоран Заев пред да стане премиер на кои тој се колне во своите предци и идни поколенија дека нема да има промена на македонскиот Устав.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top