| четврток, 6 декември 2018 |

Тројцата осомничени за смртта на Саздовски, наместо за насилство, ќе одговараат за свирепо убиство

Скопското јавно обвинителство го преквалификува кривичното дело за смртта на Никола Саздовски од „насилство“ во „убиство“. „Наместо за кривично дело Насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, против тројцата осомничени ќе се води истражна постапка за кривично дело Убиство извршено на свиреп начин од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик“, пишува во соопштението на Обвинителството.

Ваквата одлука на јавниот обвинител следува откако во истражната постапка биле обезбедени вербални и материјални докази, односно беа испитани повеќе сведоци, бил прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судскомедицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт.

 

-Ова вештачење беше доставено во обвинителството на 16 јули 2018 година и од него неспорно произлегува динамиката на кривично-правниот настан во смисла на видот и карактерот на здобиените повреди кај лицето Н.С., а се утврдува и причинскопоследичната врска на нанесените повреди и нивното влијание на смртниот исход. Одлуката за преквалификација на кривичното дело можеше да се донесе само откако јавното обвинителство ги обезбеди сите релевантни докази, меѓу кои и судско медицинското вештачење, и откако ги утврди фактите кои произлегуваат од тие докази, пишува во соопштението на Обвинителството.

 

За третиот осомничен кој се уште е недостапен ќе биде распишана домашна и меѓународна потерница. Јавниот обвинител во текот на истражната постапка ќе издаде и наредба за медицинско психијатриско вештачење на двајцата осомничени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top