| четврток, 6 декември 2018 |

Изумирањето на луѓето би можело да биде поблиску отколку што мислиме: „Нашето време на Земјата е ограничено“

По низа откритија кои во последниве години ни ги овозможи технологијата добивме подобар увид во човечката историја. Ова е темата со која се занимава Луис Лики, научничка од Кенија, која на неодамнешната ТЕД-конференција одржа предавање за можноста од изумирање на човечкиот вид. Дел од своите размислувања изнесе на блогот на „Хафингтон пост“, каде што поставува прашања врзани за тоа колку се луѓето свесни дека нивните денови на планетата Земја можеби се изброени.

Имено, истражувањата покажале дека постои генетска поврзаност меѓу хомосапиенсот и неандерталецот, но и дека луѓето ги делат истите гени со до неодамна непознатиот вид хоминид, откриен од коските на прстот пронајдени во областа Денисова во Сибир, што било утврдено во 2010 година. Човечкиот вид е толку кратко на „хронолошката карта на историјата на Земјата“ што не можеме ни да се споредиме со диносурусите, на пример, така што постојат видови за кои дури сега откриваме дека постојат, и затоа треба да бидеме загрижени.

– Сведоци сме на исклучително големи промени на планетата, различности на животот, глобални климатски промени и промени на становиштата на многу видови. Без исклучок ние сме причина за шестото масовно изумирање кое Земјата го доживува во својата историја.

Последните 50 години сме сведоци на големиот пораст на бројот на жители на Земјата, но и на ненадминливи скокови нанапред во технолошките иновации. Прашањето кое треба да си го поставиме е дали сме дораснати на приликата за употреба на технологијата за подобро да го сфатиме нашето целосно влијание, за да ја скротиме плимата на изумирање на тлото и во океаните, за да го зачуваме она што и понатаму ни останува и да го откриеме и што подобро да го сфатиме минатото. Остатоците на фосилите што ги пронаоѓаме нѐ тераат да го промислуваме нашето постоење на планетава. Ние сме еден од видовите хоминиди кои ја населувале Земјата и токму како и нашите далечни претци, нашето време на Земјата е ограничено. Нема да треба многу време тасот на вагата да се сврти против нас, напишала Луис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top