| четврток, 6 декември 2018 |

Експлодираа емоциите кај хрватскиот селектор: Далиќ плачеше по пеналот за полуфинале (Фото)

Седна на клупата без фудбалско педигре и тоа за да ја спаси Хрватска од дебакл во квалификациите, ја немаше поддршката од јавноста која со скепса го дочека „експериментот“ со Златко Далиќ како кормилар, ама хрватскиот селектор од вечерва е – национален херој.

Далиќ ја однесе генерацијата до второ полуфинале, израмнувајќи го успехот на Мирослав Ќиро Блажевиќ со Бобан, Шукер, Просинечки, Асановиќ и останатите легенди кои пред 20 години стигнаа до бронзата. Хрватска сега има шанса да ги надмине „бронзените“, в среда ќе се бори за финале против Англија, а човекот кој успеа да ги сложи „коцките“ допрва ќе биде величан.

Хрватскиот селектор вечерва прсна во плач. Не можеше да го гледа историскиот пенал на Иван Ракитиќ, а кога „ракетата“ ја погоди мрежата за огромно славје во Хрватска и меѓу петилјадната публика во Сочи, солзите само потекоа од очите на Далиќ. Не можеше да се воздржи. Солзите радосници го натопија неговото лице, а еден од сонародниците мораше и да го теши и смири.

sport1.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top