| четврток, 6 декември 2018 |

Димитров ќе прави домашен кечап

 Предраг Димитровски

Утринава барам по порталите информација за нова твит порака од угледниот, честитиот и достоинствен министер за надворешни работи Никола Димитров, кој, нели, како што самиот вели, не знае да пее, ама затоа, пак, е самопрогласен крал на скарата. Чисто да видам дали ќе си го одржи зборот. Зашто, вети, парафразирано, дека на сите претставници на земјите-членки на ЕУ, кои ќе гласаат за почеток на преговорите со Република Македонија ќе им испрати на домашна адреса по една гајба од најубавите и најслатки „патлиџани” на светот. Не успеав да видам ништо такво.

Ама, повеќе од убеден сум дека тој е човек од збор. И кога го велам ова, не знам зошто, веднаш ми текнува на еден од најдобрите афоризми на покојниот Иван Карадак, кој со децении ја уредуваше незаборавната радио-емисија „Хихирику” – „Тој е човек од збор. Од него не чекајте дела”! Но, нејсе. Има време. Ќе видиме што ќе направи. Можеби, сепак, ќе им испрати по цела гајба, а можеби и по половина, зашто одлуката за почеток на преговорите е условена за една година. Тоа ти е, едни услови тргни, други стави. Таква е политиката. Посебно на Старата дама. Никако да и го фатиш крајот.

Настрана пораката на поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски за „патлиџан дипломатија=пинџур резултати”! Зашто, како и да се свртат работите на Димитров, во најмала рака, ќе му останат цели три гајби „патлиџани”, оние наменети за претставниците на Франција, Холандија и Данска. А, ако на останатите им прати по половина гајба, ќе му останат доволно „патлиџани” за да прави домашен кечап. Од најубавите и најслатки „патлиџани”, нормално, ќе излезе и најубавиот и најсладок домашен кечат. Во прашање се само дозите. Дали ќе биде една, две, три… Не е важно. Важно, покрај крал на скарата, ќе стане и крал на домашниот кечап. Додуша, ќе треба да докупи некои ситници и да најде, ако веќе нема, соодветен рецепт. Има чаре и за тоа. Не само на интернет. Тука се Марк и Никола, а и Алачки. Тие сигурно ќе му го дадат најдобриот.

Уф, ќе заборавев. Зошто кај угледниот, честитиот и достоинствен министер Никола Димитров одеднаш паника околу цензусот за претстојното рефередумско изјаснување околу промената на името?! Та нели победничката коалиција „Женски оркестар” (според незаборавната претстава од првата половина на 90-тите на режисерот Сашко Насев) има апсолутна власт и сите алатки и стојат на располагање, сите анкети се во нејзина полза со огромна предност пред опозицијата, сите анкети за влез во НАТО и ЕУ се, исто така, во нејзина полза. Навистина нема потреба од такво нешто. Народот е во право дури и кога греши. Башка, за што е паниката – за успешен референдум, за прием во НАТО или за зачувување на фотелјата?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top