| четврток, 6 декември 2018 |

Кренаре Невзати- Кери го постави Шекспир за деца во Театарот за деца и младинци

„Сонот на Вилијам“ е новата премиера во Театарот за деца и младинци (ТДМ) во режија на Кренаре Невзати- Кери, работена според делата на Вилијам Шекспир. Премиерата е закажана за 20 јуни, среда, во 19 часот. Во претставата се користени преводи и препеви од Богомил Ѓузел, Драги Михајловски и Георги Сталев на делата „Сон на летна ноќ“; „Ромео и Јулија“; „Магбет“ и „Хамлет“.

Ова е трета премиера годинава во ТДМ.

– Јас би ја нарекла кореодрама, но режисерката најверојатно нема да се сложи со тој термин. Во секој случај, станува збор за драмско-кореографско дело направено по делата на Вилијам Шекспир – рече Катерина Илиевска – Силјановска, директорка на ТДМ.

„Сонот на Вилијам“ е практично ансамбл-претстава, бидејќи од вкупно 13 вработени актери во Театарот, 12 играат во претставата. Сите актери во претставата играат по неколку ликови.

Во претставата сѐ се случува во сонот или во главата на Вилијам.

– Јас одамна сум фасцинирана од Шекспир и во мојата различна животна доба го читав Шекспир на различен начин. Тој се чита и се открива цел живот. Се цитира постојано, како што ние го цитираме – вели Невзати.

Таа имала две причини зошто решила да го работи Шекспир за деца во ТДМ.

– Во 2013 година првпат го работев Шекспир, но за возрасни. На пробите ја носев мојата ќерка, која тогаш имаше осум години. Таа беше фасцинирана од магичниот свет на Шекспир и таа својата импресионираност ја раскажа со цртеж, сликајќи ги сите ликови од претставата. Подоцна, тие цртежи беа искористени за програмата и за плакатот. Тогаш се роди идејата за Шекспир за деца. Решив дека ова е добра возраст да им се приближи Шекспир на децата. И, што е најинтересно, оваа година се навршуваат 40 години од последното прикажување на Шекспир за деца во Македонија. Пред некој ден сфативме дека нашата премиера е на еден ден пред летната ноќ, ден спроти Иванден. Тоа е мошне интересен податок и има многу симболика – додаде Невзати.

Освен што сакала да им ги доближи на децата делата на Шекспир, Невзати сакала да им ги приближи магичниот и убав свет на класичната музика, па затоа во претставата има музика од времето на Шекспир, потоа Моцарт, Верди…

Во претставата играат: Бојан Кирковски, Катарина Илиевска -Силјановска, Симона Спировска, Мики Анчевски, Мартин Јорданоски, Марија Ѓорѓијовска, Бојан Лазаров, Наташа Петровиќ, Изабела Новотни, Ана Левајковиќ-Бошков, Емра Куртишoва, Винета Дамческа -Мојаноска.

Освен режијата, Невзати ја направи адаптацијата на драмите, кореографијата, сценографијата и изборот на музиката. Костимографија е на Барбара Цвејиќ – Рив, видео анимацијата и фотографија е на Емил Петро. Љубица Велкова и Раде Василев ги изработија костимите, а изработката на кукли и реквизити е на Кирил Василев и Барбара Цвејиќ – Рив.

Користењето музика од времето на Шекспир, како и друга класична музика е со цел децата да се запознаат и со прекрасните дела на големите композитори на класичната музика (P.Attaignant, J.Playford, W.A.Mozart, Purcell, G.Verdi, M.Mussorgsky).

Претставата „Сонот на Вилијам“ е посветена на театарски критичар и театролог, Иван Ивановски, кој, меѓу другото пишувал за деца. Последен пат Шекспир за деца го поставил Коле Ангеловски во Драмски театарот и тоа пред 40 години со претставите „Сон на летната ноќ“ и „Мабет“.

„Сонот на Вилијам“ ќе биде дел и од програмата на претстојниот „Битола Шекспир фестивал“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top