Театарот за деца и младинци (ТДМ) ја подготовува претставата „Сонот на Вилијам“ во режија на Кренаре Невзати- Кери, работена според делата на Вилијам Шекспир. Премиерата е закажана за 20 јуни, во 19 часот. Во претставата се користени преводи и препеви од Богомил Ѓузел, Драги Михајловски и Георги Сталев.
Во претставата играат: Бојан Кирковски, Катарина Илиевска -Силјановска, Симона Спировска, Мики Анчевски, Мартин Јорданоски, Марија Ѓорѓијовска, Бојан Лазаров, Наташа Петровиќ, Изабела Новотни, Ана Левајковиќ-Бошков, Емра Куртишoва, Винета Дамческа -Мојаноска.
Освен режијата, Невзати ја направи адаптацијата на драмите, кореографијата, сценографијата и изборот на музиката. Костимографија е на Барбара Цвејиќ – Рив, видео анимацијата и фотографија е на Емил Петро. Љубица Велкова и Раде Василев ги изработија костимите, а изработката на кукли и реквизити е на Кирил Василев и Барбара Цвејиќ – Рив.
„Сонот на Вилијам“, е драмски производ во потрага по старо-новото фантастично пријателство на Шекспир со сите генерации и во секое време-невреме.
Со оглед на фактот дека Шекспировото книжевно дело е безвремено и универзално, разбирливо и блиско до сите луѓе ширум светот, нема дилема дека и децата би знаеле да ги препознаат и да ги почувствуваат најсуптилните емоции и целата магија што ја нудат неговите ликови.
Потребата од комуникација меѓу Шекспир и децата е неминовност. Соочувањето со него, доаѓа порано или подоцна, но секако е неизбежно. Децата, несвесно, секојдневно се среќаваат со неговите современи живи „човечки реплики“ и животни ситуации, а нивната универзалност само ја потврдува надвременската мисла на Шекспир: „ Да се биде или не, прашање е сега“; „Царство за коњ давам“; „ Красното е гнасно, а гнасното красно.“; Згасни, згасни кандилце“; „В манастир, в манастир бегај“; „О Ромео, о Ромео! Но зошто ти Ромео си?“; „Совеста нѐ прави сите кукавици“; „Бидете силни во делата, како што сте силни во мислите“…
Друг мотив за прилагодување на неговата единствена книжевна оставина на перцепцијата на децата, е фактот што последно такво претставување на Шекспир во Македонија е направено пред повеќе од 30 години.
Водечката идеја, spiritus movens за претстава „Сонот на Вилијам“: децата да „пораснат“ преку претставата, а возрасните, макар за миг, да се вратат во детството.
Комичните и трагичните моменти се менуваат токму како и во животот, како и во борбата меѓу доброто и злото. А, секоја од сцените во претставата „Сонот на Вилијам“ е компонирана како филмски кадар и следуваат една по друга како филмски секвенци, како минијатури, токму како во сон.
За претставата се користени препеви и преводи од Богомил Ѓузел, Драги Михајловски и Георги Сталев на делата „Сон на летна ноќ“; „Ромео и Јулија“; „Магбет“ и „Хамлет“.
Користењето музика од времето на Шекспир, како и друга класична музика е со цел децата да се запознаат и со прекрасните дела на големите композитори на класичната музика (P.Attaignant, J.Playford, W.A.Mozart, Purcell, G.Verdi, M.Mussorgsky).
Овој жанр, наречен – фантазија, апелира не само на мислите и чувствата, туку и на фантазијата, на имагинацијата, на неочекуваните пресврти.
Претставата „Сонот на Вилијам“ е посветена на театарски критичар и театролог, Иван Ивановски, меѓу другото пишувал за деца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Театар за деца и младинци ќе го прави првиот македонски мјузикл за деца
-
И децата може да уживаат гледајќи го Шекспир во Театар за деца и младинци (галерија)
-
Кренаре Невзати- Кери го постави Шекспир за деца во Театарот за деца и младинци
-
Стотта изведба на „Цветната улица” на Театарот за деца и младинци