| четврток, 6 декември 2018 |

Лекарите не се вреднуваат според заслугата, туку по партиска линија или ако се во род со професори – му се пожали специјализантка на Заев

Главна причина за заминувањето на лекарите од Македонија не е само платата, туку и тоа што лекарите не се вреднуваат според заслуга или според работата со пациентите туку по политичка основа или по тоа што се синови или ќерки на професори, истакна една специјализантка по медицина на денешната трибина на која присуствуваа премиерот Зоран Заев и министерот за здравство прашувајќи како новата Владата планира да го смени овој систем којшто со години функционира во земјата.

Специјализантите изразија незадоволство и од начинот и нивото на пренесување на знаењата од страна на нивните ментори, а оние од општа хирургија се пожалија и дека малку имаат практична работа. Петмина веќе обучени хирурзи работат на несоодветни работни места во Ургетниот центар.

Премиерот Заев кажа дека мора да постојат системски законски решенија во здравството, кои нема да зависат од поединци.

– Најголем коректив и она што е слабост на нашето општество и јавното и гласното зборување. Вакви трибини на секое ниво за да можеме да ги отстраниме сите оние слабости во нашиот систем, дали е по линија на Заев и СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, политички партии, или татко лекар добро позициониран во општеството со одредени можни фигури и сите други се обесправени немаат фер и еднаква шанса, најмногу можеме да ги отстраниме ако јавно, јасно и гласно зборуваме за тоа, рече премиерот пред специјализантите по медицина.

Заев потенцира дека исто така одговорност мора да има насекаде.

– Македонија е една поголема фирма. Ќе се организираме сигурно подобро, ако бидеме гласни и отворено зборуваме, рече Заев.

Министерството за здравство денеска ја организираше трибината на тема „Инвестираме во младите лекари, иднината на здравството во Македонија“, чија цел беше да се слушнат ставовите на специјализантите и да се спречи се поголемиот одлив на лекари надвор од Македонија, но и на друг медицински персонал. Заев и Филипче на трибината ги посочија напорите што Владата и Министерството ги прават за да ги задржат овие кадри во Македонија, но исто така слушнаа и низа ставови и сугестии од специјализантите.

Мора да ги мотивираме, кажа тој, веќе искусните специјалисти да го споделат знаењето со помладите.

– Ништо не е добро ако се однесе со себе во пензија, дај да пренесеме колку што може повеќе оти и тој, и неговото семејство, сите ние сме потенцијални пациенти, рече премиерот.

Најави насочување на, како што кажа, сериозни алокации на ресурси кон здравството.

Од министрите за здравство и за финансии, кој ги определил 180-те милиони денари годишно потребни за платата за општ лекар специјалист, да се изнајдат пари и за оние две групи специјализанти кои не добиле плата поради тоа што се воделе како вработени и им бил плаќани придонеси.

До 2020 година платата на специјалистите во Македонија, според премиерот треба да биде 100.000 денари. Веќе се зголемени се средствата за дежурствата на медицинските лица.

– Владата донесе Предлог-програма за едукација на лекари и медицински персонал и за кофинансирање на специјализантите односно субпецијализациите на здравствените работници вработени во приватните здравствени установи за 2019 година, рече Заев додавајќи дека од 2017 до 2020 година со низа мерки Владата гаранти ра дека создаде достапен, квалитетен и долгорочно финансикин одржлив систем за здравствена заштита.

Од овој месец плата ќе земаат и оние кои се пријавиле на конкурсот во јануари оваа година. Дополнително за да го зголеми бројот на специјалисти во државното здравство ќе воведеме специјализации за најдобрите десет студенти, во секоја генерација и ќе се зголемат квотите за специјализации. Предност ќе имаат дефицитарните специјализации, рече премиерот. Се подготвува и план за вработување на доктори според потребите во земјата.

– Нашите првични анализи од терен покажуваат дека само во Скопје недостигаат над 100 доктори, а во целата земја бројката е тројно поголема, рече Заев.

Посочи на изградбата на новиот клинички центар, каде ќе има подобри услови за работа.

– Наша желба е да останете и да работите во Македонија, рече Заев.

Министерот Филипче кажа дека конкурсот за нови специјализација ќе биде во септември, а за помал дел во јуни. Потенцира дека се прават напори за поврзување со наши лекари кои работат во странство за да се создаде можност нивната експертиза да се пренесе на лекари кои работат во земјата. Министерот за здравство најави состанок со менторите и професорите на специјализантите за да се поттикне поквалитетна нивна едукација.

Филипче во среда ќе биде во посета на Универзитетската клиника во Франкфурт, а најави соработка и со универзитетска клиника од Рим. Наскоро во посета на Гинеколошко-акупшерската клиника во Скопје ќе дојдат лекари од една софиска болница за да раменат искуства со своите колеги.

На трибината присуствуваа и претставници на Клубот на млади лекари и на Здружението на лекари специјализанти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top