Официјална Софија останува на ставот дека поддршката за интеграцијата на Македонија во ЕУ е условена со потпишување договор за добрососедство, јави „Дојче вече“.
Позицијата на Бугарија во однос на интеграцијата на Македонија во ЕУ не е променета и е усогласена меѓу сите надлежни институции. Нема разијдување меѓу мене и претседателот Плевнелиев по таа тема, изјавил шефот на бугарската дипломатија Кристијан Вигенин на средба со новинари во Парламентот во Софија. Тој повторил дека Софија останува на, како што вели, принципиелната позиција за потпишување договор за добрососедство со Македонија.
– Потпишувањето на тој договор е услов за отворање на следните чекори во процесот на евроинтеграција на Македонмија – изјавил Вигенин. Вели дека работи на создавање поповолна клима во бугарско-македонските односи, што ќе ги олесни преговорите за договорот за добрососедство.
– Ги информирав македонските колеги дека Бугарија е подготвена да ја забрза работата околу договорот. Сега е ред на македонската страна да го покани бугарскиот преговарачки тим – рекол Вигенин. Направени се промени во составот на преговарачкиот тим, со кој раководи бугарскиот амбасадор во Скопје Иван Петков, кој според Вигенин, добро ја познавал Македонија и има доволно дипломатско искуство.
Група бугарски интелектуалци неодамна со отворено писмо побараа Бугарија безусловно да ја поддржи Македонија на нејзиниот европски пат, што беше протолкувано како вовед во промена и на официјалната политика на Софија која беше промовирана од владата на претходниот премиер Бојко Борисов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.