| четврток, 6 декември 2018 |

„Устав на Република Хрватска“ на Рајко Грлиќ-најдобар на фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа

На 27 мај во култното киното  Бабилон во Берлин , заврши овогодинешното издание на  Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа во Берлин – SEE a Berlin 2018. Интернационалното жири за најдобар филм на фестивалот го прогласи филмот Устав на Република Хрватска, во режија на Рајко Грлиќ, чиишто копродуцент е македонската е Револушн Продукција. Најдобар актер на фестивалот беше постхумно прогласен  Небојша Глоговац,  најдобар режисер Едон Ризваноли, за косовскиот филм Непосакувано, а најдобра актерка беше прогласена Горица Поповиќ, за улогата во српскиот филм Козји уши.  Фестивалот кој оваа година привлече  посебно внимание кај берлинската публика беше отворен во амбасадата на Република Романија, пред бројни значајни личности од културниот и општествениот свет.

Во присутво на амбасадорите на Романија, Македонија и Црна гора, министерот за култура на Црна Гора Александар Богдановиќ, го прогласи фестивалот за отворен, истакнувајќи го значењето на овој фестивал за интеграцијата на балканските земји во Европската унија.

Традиционалните награди за животно дело им беа доделени на големиот романски режисер Луциан Пинтилие и бугарската актерка Цветана Манева. Престижното признание Личност на Југоисточна Европа Берлин 2018 (SEE Personality 2018) во областа на економската европеизација на Балканот му беше доделна на Кирил Самарџиоски од Прилепската Пиварница. Наградите Europa Prima 2018 беа доделени на Маркус Ингенлат и Батрис Ангранд, директори на Германско-францускиот офис за млади.

Фестивалот на  Југоисточна Европа продолжува во Париз од 30 мај до 2 јуни, со специјално обраќање на француската министерка за култура Франсоаз Нисен, бидејќи од оваа година фестивалот ќе се одвива под покровителство на  Мнистерството за култура на Република Франција.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top