Собранието попладнево го донесе Законот за енергетика во целина, откако претходно пратенците дискутираа за дополнетиот предлог-закон во второ читање.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, одговарајќи на забелешките од опозицијата нагласи дека со измените нема да дојде до поскапување на електричната енергија за граѓаните.
Опозицијата забележува дека со законот ќе дојде до влошување на либерализација на пазарот на електрична енергија и ќе доведе до нарушување на финансиската кондиција на ЕЛЕМ, а тука според нив има и намера за негова продажба.
– Цената на електричната енергија зависи од многу фактори. Доколку тие фактори останат исти, законот и неговата примена нема да ја покачат цената на електричната енергија за граѓаните, појасни тој.
Според Анѓушев овој закон од една страна ги исполнува потребните критеруми, а од друга страна ги штити граѓаните.
– Досега се немаше доблест да се направи тоа, да се трансформираат регулативите и директивите, ама се плашевме како да ги заштитиме граѓаните. Овој закон го прави токму тоа, рече Анѓушев.
Додаде дека како резултат на измените Македонија во извештајот н а Енергетска заедница од март 2018 година во регионот е поместена на прво место во однос на имплементацијата.
– Како ќе го заштитиме ЕЛЕМ, сигурно нема да го заштитиме со тоа што ќе го тераме да прави скијачки центри. Просечната производна цена на ЕЛЕМ за 2017 и претходно беше над 41 евро. Со гордост можам да кажам дека просечната производна цена на ЕЛЕМ за првиот квартал од оваа година е меѓу 39 и 39 евра по мегават час и таа треба уште да паѓа и ќе паѓа таму каде производните капацитети ќе мора да се ставаат во функција. Осломеј со своето неработење го чини ЕЛЕМ со четири евра по мегават, додаде тој.
Ги демантираше обвинувањата на опозицијата дека законот се менува само за да се смени претседателот на регулаторна комисија.
Четиесет и шестата собраниска седница беше прекината, а нејзиното продолжение е закажано за утре
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.