| четврток, 6 декември 2018 |

Матурантите ќе танцуваат квадрил на пладне на плоштад „Македонија“

Tрадиционалната манифестација „Матурска парада 2018“ ќе се одржи денеска на пладне на плоштадот „Македонија“.

На „Матурската парада“ традиционално матурантите танцуваат квадрил. Освен во Скопје, годинава ќе танцуваат и матурантите од Струга, Охрид, Струмица, Гевгелија и Куманово.

Организатори се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Танцовиот спортски клуб „Ритам плус“ од Скопје, под покровителство на Град Скопје и Делегацијата на Европската унија.

– Оваа година покрај Македонија во проектот ќе учествуваат матуранти од 62 градови во Босна и Херцеговина, Бугарија, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Хрватска и Црна Гора, изјави Никола Глигоров од Дирекцијата за култура и уметност. Нагласи дека оваа година се очекува да учествуваат над 30 илјади матуранти.

Официјалниот дел на програмата ќе почне во 11:40 часот со обраќање на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, а потоа матурантите ќе ја кажат заклетвата за ненасилство“.Точно на пладне со посредство на Македонското радио – Радио Скопје ќе биде преземен сигналот од Радио Словенија од каде доаѓа музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“ на која матурантите ќе танцуваат.

Парадата на матурантите почна да се организира во 2001 година во Љубљана, а во Македонија првпат се одржа во 2007 година во Скопје и во Охрид.

Покрај „Матурската парада“ наскоро ќе се одржи и „средба меѓу првиот и најдобрите“, каде градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ќе оствари средби со најдобрите ученици и ќе им додели признанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top