| четврток, 6 декември 2018 |

БПЦ внимателна кон новокомпонираните бугарољупци

Бугарската православна црква во заштитата на своите, па и на националните и државни интереси, што би рекле тетовчани, почна „да га цуца ка јојо” Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Ај што не прифати да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА веднаш по испратеното барање на „ќерката” за нејзината улога на „мајка црква”, сега Синодот во Софија, додуша со мнозинство гласови, одлучи да не ја прифати ни поканата на Архиепископот охридски и македонски, г.г.Стефан, за заедничка прослава на 1.000-годишнината од Охридската архиепископија, закажана за 27 и 28 мај во Охрид. Некој може да забележи за чудниот однос меѓу „мајка” и „ќерка”, ама реалноста е таа.

Причините за ваквата одлука, Синодот на БПЦ јавно не ги обелодени, па се останува во сферата на претпоставките, што укажуваат, пред се, на негова претпазливост и крајна внимателност. Од најмалку две причини. Првата е црковно-политичка. Што ќе рече, Синодот на БПЦ води сметка да не ги поремети односите со некои од помесните православни цркви по однос на македонското црковно прашање. Втората, пак, може да има и црковно-историски карактер. Притоа, со чинот на присуство на ваквиот љубилеј би се нарушиле асимилаторските тенденции на БПЦ за да претендира на присвојувањето на црковно-историскиот континуитет на самостојната Охридска црковна дијацеза од периодот пред 1018 година во времето на Св.Климент Охридски и Самоиловото царство. А, гледано во целина, ваквата претпазливост на БПЦ би можела да доведе до пореметување и на Договорот за добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Од досегашната пракса, пак, неизбежен е заклучокот дека БПЦ прифаќа она што и одговара, ама не она, што би ги ставил под знак прашалник нејзиниот континуитет и интереси.

МПЦ-ОА, пак, од друга страна, било како „ќерка”, било како самостојна автокефална црква, во целата приказна покажува целосна дезориентираност, па не се знае нејзините претставници на што повеќе наликуваат, дали на новокомпонирани бугарољупци или на чисти празноглавци. А, тоа најлесно може да се забележи од терминологијата, што се сведува на чиста игра на зборови. Апсолутно не се знае точно, што се прославува со 1.000-годишнината, дали од основањето на ОА, дали од постоењето, дали од организираниот црковен живот на овие простори… Притоа, очигледен е стравот од заживувањето на црквата на Јован Вранишковски. Зашто, во православната црковна организираност еден народ или една држава не можат да имаат две помесни цркви, туку само една. Така е според каноните на правиославната црква, а одлуките за тоа се донесени уште на вселенските црковни собори одржувани до 8 век.

Нема дилеми дека зад наметнатата улога, што треба да ја одигра МПЦ-ОА, стои добро зготвениот план за идентитетски, духовен и културен геноцид врз Македонците. Она што можеби е најинтересно е што сторијата се поврзува со 1018 година, значи со Византија, чиј континуитет го присвојува Грција. Па, чисто лаички кажано во заднината се наслушуваат грчки ноти, што треба да ги отсвири македонската црква, а бугарската има улога на слушател.

Државните институции и оние од локалната самоуправа не заслужуваат ниту внимание. Зашто, тие сметаат дека станува збор за Водици и некоја нова туристичка атракција.

Пишува: Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top