| четврток, 6 декември 2018 |

Кои се Американците што ги ослободи Северна Кореја

Во САД денеска се вратија тројца Американци кои ги ослободи Северна Кореја каде биле уапсени поради наводни „субверзивни активности, шпионажа и други непријателски акции“.

Во притвор најмногу време поминал Ким Донг-чул, американски државјанин роден во Јужна Кореја, кој е уапсен на 2 октомври 2015 година. Пред апсењето, Ким (64) водел компанија во Специјалната економска зона Расон во североисточниот дел на Северна Кореја. Тој беше осуден на 10 години затвор и принудна работа во април 2016 година поради наводна субверзија на социјалниот систем на Северна Кореја и шпионажа.

Пред да му биде изречена казната, поранешниот граѓанин на Вирџинија јавно се извинил за клевета против севернокорејските власти, собирање и проследување доверливи информации на Јужна Кореја и приклучување кон кампања за состојбата со човековите права во Северна Кореја.

Во април 2017 година на аеродромот во Пјонгјанг уапсен е и Тони Ким, кој е познат и по своето корејско име Ким Санг-дук, поради, како што наведе севернокорејската новинска агенција КЦНА, извршени „кривични непријателски дела со цел преврат“ во Северна Кореја.

КЦНА, меѓутоа, не наведува какви точно кривични дела извршил наводно Ким. Тој предавал книговодство на Универзитетот за наука и технологија во Пјонгјанг, единствен универзитет во Северна Кореја кој се финансира од приватни средства.

Универзитетот негираше дека неговото задржување во притвор има некакви врски со неговата работа во таа институција.

Ким претходно предавал корејски јазик на еден универзитет во кинескиот град Јанџи.

Последен е уапсен Ким Хак-сонг, на 6 мај 2017 година, кој работел на развој на земјоделство на експериментална фарма, со која раководел Универзитетот за наука и техонологија во Пјонгјанг.

Според КЦНА, тој бил уапсен поради ангажирање во непријателски акции против Северна Кореја, но не е прецизирано за какви акции станува збор. КЦНА, исто така не наведува дали неговиот случај е поврзан со случајот на Тони Ким.

Универзитетот, исто така, наведе дека задржувањето во притвор на Ким Хак-сонг не е поврзано со неговата работа во таа институција.

Не е познато дали Тони Ким и Ким Хак-сонг официјално се осудени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top