| четврток, 6 декември 2018 |

Амбасадата на САД ги пукна балоните на власта

Изразената загриженост на американската амбасада во Скопје поради новоименуваните функционери, советниците на премиерот Зоран Заев, Љубе Бошкоски и Џезаир Шаќири-Хоџа, кои се наоѓаат на црната листа на САД, ја доведе во искушение власта. Владата на СДСМ и премиерот Заев, сепак, имаат избор. Можат или да ги разрешат спорните советници или да се прават дека „не се од тука„. Но, за што и да се одлучат, остануваат фактите дека реакциите на новинарите и на јавноста во целина, како и забелешката на претседателот Христијан Мицковски и на самата партија ВМРО-ДПМНЕ, не биле никакви спинови, а уште помалку истрели во празно.

Првиот човек на МВР, Оливер Спасовски изјави дека е скандалозно тоа што новинарите прават скандал од функцијата на Хоџа, зашто тој, наводно, бил жртва на немањето сенс.

– Од 2002-ра наваму, многу контроверзни личности учествувале во креирањето на владините политики. Прашањето е само што е тука контроверзно. Ако имавме состојба на воен конфликт којшто беше пред сè предизвикан од тоа што можеби немавме доволно сенс за интеграција на секој еден човек во општеството, тогаш навистина треба да бидеме прагматични во носење на одлуките и мислам дека во вакви услови пргматичноста е многу важна за подобрување на сите апсекти на општественото живеење во Македонија, рече тој.

Сега останува да се види дали ќе им се извини на новинарите за неговите обвинувања.

Уште поинтересно ќе биде да се види дали јавно и како ќе реагира СДСМ на изразената загриженост на амбасадата на САД. На прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ тие реагираа со соопштение во кое, меѓу другото, истакнаа дека ресоцијализацијата на поединци и интеграција во едно општство, што нема да ги дели граѓаните, туку ќе обезбедува фер шанса за сите, е концепт во кој СДСМ цврсто верува. Таквиот пристап, според СДСМ, овозможува оние што порано се гледале низ нишан, како Џезаир Шаќири и Љубе Бошкоски, денес да се интегрирани во едно општество и да работат за интересите на државата.

Ваквиот нов тип на ресоцијализација, и тоа 17 години по конфликтот во 2001 година, веројатно ќе треба да се стави како пример за изучување во учебниците.

Пишува: Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top