На петтото издание на меѓународниот фестивал „Табризим“ кој што се одржува во градот Табриз, Иран театарот „Фабрика“ на 29 април ја одигра премиерната изведба на „Човекот и огнот“ во режија на Дејан Пројковски.
На последниот ден од програмата во полниот амфитеатар се одигра претставата која е базирана врз античките митови кои во себе го содржат пркосот на човекот кон боговите.
– Претставата помина одлично, со овации од публиката која повеќе пати ги враќаше актерите на сцената за да поздрави. На крај голем дел од публиката остана да ја поздрави екипата на Театар Фабрика, да им честита за одличната претстава и да се фотографира со актерите и режисерот. Освен публиката на фестивалот, одлични реакции пристигнаа и од театарската јавност, учесниците од другите земји како и од екипата на фестивалот – велат од театарот „Фабрика“.
Фестивалот се одржаа од 25 до 30 април на кој што учествуваа уметници од повеќе земји: Италија, Ирак, Азербејџан, Казахстан, Турција, Грузија, Австрија, Германија и Македонија.
“Човекот и огнот“ е претстава која зборува за вечната борба меѓу доброто и злото, за конфликтот меѓу човекот и боговите и за страданијата што човекот треба да ги издржи по патот кој што води до вистината. Мотивот на претставата е базиран врз античките митови кои во себе го содржат пркосот на човекот кон боговите. Претставата е создавана низ еден истражувачки процес каде што врз принципите на античката драма и трагедија е изграден сопствен сценски јазик на постмодерна античка драма. Главен елемент на претставата е жестокота на актерската игра и тестирањето на границите на човечката издржливост на сцена.
Креативниот тим во овој проект го сочинуваат : Валентин Светозарев-сценограф, Марија Папучевска-костимограф, Горан Трајкоски-композитор, Олга Панго-кореограф и Андреј Цветановски како асистент на режија. Во претставата играат : Томе Станковски, Марија Петреска, Андреј Лалчевски, Марија Кондовска и Марија Баркова.
Театар „Фабрика“ е независен театар кој овозможува преиспитување и создавање на вистински театарски вредности, експериментален пристап и постојана надградба на професионалните капацитети на театарски уметници вклучени во креативните процеси. Театар Фабрика е создаден како место за лабораториски процеси и надминување на конвенционалните принципи на работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.