| четврток, 6 декември 2018 |

Триумф на македонските хорови: „Менада“освои второ место во Белгија, „Гортинија“ со „Мама миа“ настапи во Солун

Хорот „Менада“ од Тетово во конкуренција од 89 хорови од три континенти освои второ место на натпревар во Белгија.

Женскиот младински хор од Тетово е формиран во 1981 година. На репертоарот има околу 300 композиции од ренесансата преку класика, современи композиции, македонски музички фолклор и евергрин композиции. Македонските композитори посветиле голем број на свои дела за хорот “Менада”.

Хорот има повеќе настапи со Македонската Филхармонија и има издадено повеќе аудио и ЦД записи, а добитник е на повеќе награди како: “19 Ноември”, награда на град Тетово, како и наградата “Кирил Пејчиновиќ”.

Основач на хорот е д-р Ивица Зориќ, кој за својата работа е награден со признанија и награди во Полска, Србија, Бугарија, Грција, на фестивалите во Македонија, како и највисоката државна награда “11 Октомври” во 2005 година.

На Меѓународниот фестивал на хорски мјузикли што секоја година се одржува во Солун, освен од Македонија и домаќинот Грција, учество земаа хорови од Франција, Шведска, Израел, Бугарија, Италија, Молдавија, Украина, Јордан, Србија, Хрватска, Ерменија и Турција.

Музиката е мост за спојување на Македонија и Грција, вели Илија Атанасов диригентот на хорот „Гортинија“ од Гевгелија, по учеството на 8-от Меѓународен фестивал на хорски мјузикли, што викендов се одржува во Солун. Со делови од мјузиклот „Мама миа“, македонскиот хор и се претстави на публиката.

– Имаме кратки фрагменти од мјузиклот „Мама миа“, тоа беше и нивна желба по предлог на организаторот, затоа што ние веќе имавме изведувано некои фрагменти во поранешните проекти со нашиот хор и тој се заинтересира за овој проект, така што инсистираше да го реализираме годинава во целост, да направиме една комплетна слика на дел од мјузиклот „Мама миа“ со оркестар во живо и кратка кореографија, вели диригентот на гевгелискиот хор за настапот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top