| четврток, 6 декември 2018 |

Околу 5.500 ученици ќе бидат дел од меѓународната студија ПИСА

Околу 5.500 ученици од сите јавни и две приватни средни училишта и триесетина ученици на петнаесетгодишна возраст од основните училишта, оваа година ќе бидат дел од меѓународната студија ПИСА.

Досега, според податоците од Државниот испитен центар, кој е национален реализатор на студијата, тестирањето успешно е спроведено во 85 средни училишта, додека со денешниот и утрешниот ден, од Министерството за образование студијата успешно очекуваат да се заокружи и во останатите. Со оглед на тоа, дека во тестирањето се вклучени и ученици од основните училишта, тестирањето за нив ќе биде спроведено по 1 мај.

– Резултатите од спроведената студија овозможуваат да се добијат валидни податоци за тоа колку добро учениците се подготвени за живот во модерни општества по завршување на училиштето, ставајќи акцент на применливоста на знаењата, вештините и компетенциите кои ги стекнале во текот на образовниот процес, а не колку добро учениците ги совладале наставните содржини што се предвидени со наставните програми и колкаво е фактографското меморирано знаење. При мерењето со оваа студија не само што се утврдува дали учениците можат да го репродуцираат своето знаење, туку и се утврдува дали учениците можат да го екстраполираат она што го научиле и да го применат тоа знаење во непозната средина, како и во и надвор од училиште. Овој пристап го одразува фактот дека модерните држави не ги награду¬ваат поединците за она што го знаат, туку за тоа што можат да направат со своето знаење, а воедно се добиваат сознанија и за социо-економските и образовните фактори кои влијаат на постигањата на учениците. Преку ПИСА истражувањето треба да добиеме одговор колку учениците на петнаесетгодишна возраст знаат и се оспособени да го применуваат сопственото знаење – информираат од МОН.

Бидејќи се работи за многу комплексна студија која опфаќа држави од цел свет и со строги процедури на реализација резултатите од ПИСА 2018 ќе бидат објавени на крај на 2019 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top