| четврток, 6 декември 2018 |

Недела на современиот полски филм во Кинотека

Шест полски филмови ќе бидат прикажани на Неделата на современ полски филм што ќе се одржи од 4 до 9 мај во Кинотека. Истовремено ќе бидат изложени и плакати од значајни полски филмови.

Првиот филм кој ќе биде прикажан е „Ноќен воз“ во режија на Јежи Кавалерович. На 5 мај следува филмот „Ракописот од Сарагоса“ режиран од Војчек Хас. На 6 мај ќе биде прикажан „Ветената земја“ од Анджеј Вајда, понеделник, 7 мај, е резервиран за Роман Полански и неговиот филм „Нож во вода“, кој премиерно е прикажан во 1962 година. Последните два дена од неделата на полски филмови се посветени на режисерот Кшиштоф Кешловски, при што во вторник ќе може да го погледнете „Краток филм за љубовта“, а следниот ден ќе биде прикажан „Краток филм за убивањето“. И двата филма се реализирани во 1988 година.

Во освртот кон овие режисерски имиња и нивнните дела, нашиот филмски критичар и новинар Стојан Синадинов запишува: „Изборот на овие пет автори од втората половина на минатиот век сигурно може да се надгради и со нивните други дела, како и со други автори. Но, тоа е како да правите избор на играчи за репрезентацијата на светот во фудбал: никој нема да биде задоволен ако тоа не е токму негов избор, но да не се лажеме, сите ќе уживаат да ја гледаат таа репрезентација. Какви „играчи“ беа Анджеј Вајда, Јежи Кавалерович, Војчек Хас, Роман Полански и Кшиштоф Кешловски? Секој посебен, сите заедно творци на колективниот ракопис на една ера која, како што гледаме денес, нема пандан во европската и светска кинематографија. Иако снимаа филмови во ригиден идеолошки систем, успеваа да создадат посебна естетика, надвор од кампусот на важечкиот државен соцреалистички курс. Но, nota bene, и поинаков од тн. емигрантска култура, чии протагонисти беа личности кои пребегнале на Запад“.

Програмата се реализира во соработка со Амбасадата на Република Полска во Скопје.

Билетите за проекциите се бесплатни и истите може да ги резервирате од 16-19 часот на билетарницата на Кинотеката на Македонија на 02 3065968. Резервираните билети ќе може да се подигнат 30 минути пред почетокот на проекцијата.

Сите проекции започнуваат во 20:00 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top