| четврток, 6 декември 2018 |

Глумецот Гоце Тодоровски замина во пензија

Глумецот Гоце Тодоровски се пензионираше. Во вторникот на 24 април тој ја одигра претставата „Како да се ограби банка“ и беше испратен со громогласен аплауз од публиката и колегите од Драмски театар.

-Нашиот драг колега, бардот на Драмски театар, Гоце Тодоровски ја одигра последната претстава на плата. После претставата имаше громогласен аплауз, говор и подарок од директорот, екипата и се разбира, од мене. Среќно одење во пензија колега ти посакувам, и понатаму уште многу улоги. Ако те нема на сцената, нашата публика, а и Драмски Театар ќе изгуби еден голем раскошен актер – порача актерката Душица Стојановска- Настовска.

Познатиот актер е роден во Кичево и веднаш по вработувањето во Драмски театар во Скопје стана еден од најпознатите комичари кај нас. Учествуваше во голем број на ТВ и радио сатирични емисии и серии. Глумеше во повеќе филмови, но најзапаметен ќе остане по улогите во Македонски народни приказни, каде ги имаше водечките улоги од 1986 до 2012 година.

За ликот на Цанде во претставата „Солунски патрдии“ на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ја доби наградата за најдобра улога , а во 1986 беше избран за најпопуларно ТВ лице според ревијата анкета на весникот „Вечер“. Публиката го памети и по ликот на Кирца во „Викенд на мртовци“, но и како Ринго во „Чија си“ и Ангеле во „Лет во место“. Впечатиливи се и неговите телевизиски ликови во „Бушава азбука“,  „Трст виа Скопје“, „Грев или шприцер“, „Балкан бенд“…Тој беше дел од легендарната екипа на „Хихируку“, култната радио емисија во која уште беа и Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски, Стојна Костовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top